И БЕЗ АКТЕРСКИ ЅВЕЗДИ СТИГНАВМЕ ДО БЕРЛИНАЛЕ, ВЕЛИ ЕКИПАТА НА „ГОСПОД ПОСТОИ, ИМЕТО Ѝ Е ПЕТРУНИЈА“

    И БЕЗ АКТЕРСКИ ЅВЕЗДИ СТИГНАВМЕ ДО БЕРЛИНАЛЕ, ВЕЛИ ЕКИПАТА НА „ГОСПОД ПОСТОИ, ИМЕТО Ѝ Е ПЕТРУНИЈА“Илија Волчески, Лабина Митевска, Зорица Нушева и Виолета Шапковска на претпремиерата на „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ (Фото: Синеплекс)

    „Како уметник и режисер, важно ми е да регистрираме сѐ она што нѐ опкружува, сите неправди и правди. Филмот е базиран на вистински настан. Ми се јави еден ден Лабина и вели: ‘Дали виде, жена го фатила крстот во Штип?’ И така почнавме да го работиме сценариото, кое многу брзо се развиваше. Важно ми беше да го прикажам местото на жената во едно мало место, во попатријархална средина“, вели режисерката Теона Стругар Митевска по македонската премиера на нејзиниот петти филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија“.

    „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ игра во Синеплекс (19.30 часот и 21 часот) и во Милениум од 20 часот.

    Во продукција на „Сестри и брат Митевски“, филмот е инспириран од настанот што се случи на Водици во 2014, кога Борислава Васкова го фати крстот фрлен во реката Брегалница во штипско Ново Село, за потоа да ѝ биде одземен.

    Лабина Митевска, Зорица Нушева, Теона Стругар Митевска, Мони Дамевски, Виолета Шапковска и Илија Волчески на денешниот прес (Фото: СДК.МК)

    Светската премиера на филмот беше на 10 февруари на 69. Берлински филмски фестивал, каде освои две награди, на Екуменското жири и на Здружението на германските кина за авторски филм, паралелни награди на Берлинале што ги доделуваат независни жирија.

    Продуцентката и актерка Лабина Митевска има најголеми пофалби за посветеноста и пожртвуваноста на главната актерка во филот Зорица Нушева, која во моментот кога го снимала филмот имала две мали дечиња од девет месеци и година и седум месеци. Нушева, пак, на тоа срамежливо додава дека е благодарна за разбирањето кое продукцијата го имала кон неа и дека сѐ било направено во најдобар интерес за децата.

    Нушева, Мони Дамевски, Виолета Шапкова, Илија Волчески, Бајруш Мјаку и Суад Беговски на денешната прес-конференција говореа како се пријавувале на кастингот, кој траел три месеци, па како два месеци имале проби, па сѐ до големата радост и можноста да се присуствува на Берлиналето.

    Волчески и јавно ѝ се извини на Нушева што во филмот морал да ја плука, а таа пак весело рече:

    „Цело време додека снимавме беше одличен партнер и постојано ми се извинуваше кога мораше да ме плукне. Толку беше, фер што пред секоја плуканица јадеше чоколадо, за плунката да биде блага“.

    Лабина на шега кажа дека во еден момент кога снимале масовна сцена со голем број статисти надвор и голем број на актери во полициската станица, дошла Теона и рекла: „Кој ја напиша оваа сцена, како ќе се справиме со волку луѓе?“, при што кажа најпофални зборови за сите статисти од Штип.

    Дел од екипата на претпремиерата на „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ (Фото: Синеплекс)

    „Со сета почит кон другите филмови и насловни женски улоги, но не сум видел глумица како Зорица така да доминира на платното, го носи со себе. Исто така, сакам да кажам дека ова е прв филм каде нема голем актерски ѕвезди кои ги гледаме во речиси сите филмови, а кој помина така одлично кај публиката и фестивалите“, рече Беговски, кој над 20 години игра во Штипскиот театар.

    Од продукцијата велат дека од 30 април започнува и редовната кинодистрибуција на филмот во Франција, каде тамошниот дистрибутер „Пирамид“ ќе го дистрибуира филмот низ цела Франција. Прикажувањето на филмот започнува во Франција од 1 мај, па потоа „Петрунија“ продолжува во кинодистрибуција низ целиот свет, од Далечниот Исток во Кина, Јапонија, до Австралија, преку Јужна Америка во Бразил и Колумбија, па на север до Канада, преку Турција и земјите од Блискиот Исток, до источна Европа вклучително Русија, Полска, Романија, Унгарија, Украина, па во западна Европа Италија, Шпанија, Белгија, Австрија, Луксембург, Шведска, Данска, и Швајцарија, до речиси секаде во соседството во Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Црна Гора и Грција. Се преговара и со САД, Германија и Мексико. Филмот е исто така е продаден и на телевизиската куќа Ејч-Би-О која ќе почне со прикажување откако ќе заврши светската кинодистрибуција.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира