ИМА МАНИФЕСТАЦИИ ШТО ТРААТ ТРИ ДЕНА, А ПЛАН ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА 20-ИНА ЛИЦА, ЌЕ ГИ СПОИМЕ СО ПОСТОЕЧКИ ИНСТИТУЦИИ, РЕЧЕ ЉУТКОВ

    ИМА МАНИФЕСТАЦИИ ШТО ТРААТ ТРИ ДЕНА, А ПЛАН ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА 20-ИНА ЛИЦА, ЌЕ ГИ СПОИМЕ СО ПОСТОЕЧКИ ИНСТИТУЦИИ, РЕЧЕ ЉУТКОВМинистерот кажа дека во подготовката на стратегијата учествувале експерти, институции, граѓански организации, МАНУ, Советот за култура и УНЕСКО, а сите забелешки и предлози од јавноста ќе бидат внимателно разгледани пред документот да биде доставен до Владата и Собранието. (Фото: Министерство за култура)

    Никој нема да биде отпуштен од работа, современата реорганизација и оптимизирањето на националните културни установи подразбира фузирање на одредени институции, рече денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков, образложувајќи сегмент од Националната стратегија за развој на културата за периодот 2026-2030, кој се однесува на автономијата во културата и предвиденото преобликување на мрежата на установите.

    Има манифестации, рече Љутков, што работат три дена во годината, а во планот за вработување, со систематизацијата, за нив се предвидени по 25-30 работни места. Битно е, додаде тој, тие да не се згаснат, туку да продолжат да функционираат во рамките на други институции како одделенија или сектори.

    „Нема да има укинување на институции во културата, туку нивна современа реорганизација. Оптимизацијата на националните установи значи фузирање на одредени институции што немаат капацитет да продолжат да работат со друга установа, која има потреба од таков вид услуга. Не се отпуштаат носителите на дејности, напротив, ќе се зголемува бројот на вработени, особено фокусот ќе бидат стручните кадри, а не административниот кадар. Никој нема да биде отпуштен од работа. Едноставно, една институција се фузира со друга и со заеднички сили ќе функционираат многу подобро. Примерот веќе го има и во Националната стратегија и во документот за реорганизација. Неколку, дел од новите што се формирани без консултација и стручна анализа, се останати на еден вработен, а тие реално се дел од манифестациите. Значи, имате манифестација што работи три дена во годината, а во планот за вработување има некаде 25-30 работни места. Значи, за нас е многу поважно таа институција да не се згасне, туку да влезе под одредена веќе постојна институција како одделение или сектор. Верувајте, ќе функционира многу подобро отколку вака самостојно“, објасни Љутков, одговорајќи на новинарско прашање.

    Реорганизацијата што се предлага, потенцира министерот, е во консултација и со вработените и со директорите на оние што ќе бидат фузирани и на оние што ќе треба да ги примат овие национални установи.

    „Преобликувањето на мрежата на установи не подразбира укинување на институциите, туку нивна современа реорганизација во функција на остварување на мисијата и визијата за која се основани. Ниедно вработено лице во установите од културата нема да го загуби работното место, туку сите вработени ќе имаат можност да дадат свој придонес во работењето на матичните установи“, рече претходно Љутков во обраќањето на јавна расправа.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира