ИМА СЀ ПОВЕЌЕ ЛУЃЕ, НО СЀ ПОМАЛКУ „ЛУЃЕ“, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ МИЛЧИН ПРЕД ПРЕМИЕРАТА ВО ВЕЛЕШКИ ТЕАТАР

    ИМА СЀ ПОВЕЌЕ ЛУЃЕ, НО СЀ ПОМАЛКУ „ЛУЃЕ“, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ МИЛЧИН ПРЕД ПРЕМИЕРАТА ВО ВЕЛЕШКИ ТЕАТАРФаик Мефаилоски, Маја Љутков, Владимир Милчин, Жарко Спасовски и Талија Настова на прес-конференцијата за претставата „Злосторство на 21. век“ (Фото: СДК.МК)

    Велешкиот театар „Јордан Х. К. Џинот“ утревечер премиерно ќе ја изведе претставата „Злосторство на 21. век“ од англискиот писател Едвард Бонд, а во режија на Владимир Милчин. Тој вели дека авторот Бонд со неговите текстови ја има одбележано светската драматургија на 20. век. Режисерот текстовите на Бонд ги нарече „драмска поезија за злото, не се забавни, но возбудливи“.

    „Бонд е автор по чиј прв текст во Англија се укина цензурата во театарот. Тој е секогаш провокативен и актуелен, не е подготвен на компромиси, горчлив автор кој тешко се голта. Но, е вистинит. Се занимава со проблеми кои не се денешни и овдешни, не се локални, текстовите ги засегаат проблемите кои се на Земјината топка. Овој текст говори за идната сегашност, човештвото е на добар пат да ја уништи планетата. Претставата не е само за екологијата, животната средина, туку за сѐ тоа што го троши животниот простор. Не само за земја, воздух, туку за слобода, права, терор врз луѓето. Или што е тоа што на луѓето им ја одзема човештината, што стануваат сурови едни кон други и спрема самите себеси. Пеколот напредува, ја јаде Земјината топка но и луѓето. Има се повеќе луѓе , ама има се помалку ‘луѓе’ што е парадоксално“, вели Милчин.

    Плакатот за претставата

    Тој ја потенцираше функционалноста на новата зграда на театарот и на сцената, со опрема која според него се најдобри во земјава, без никакви додатоци на шунд и кич и биле неспоредливи со ниту една друга во државата, што дало дополнителен мотив во работата на претставата. Играат Маја Љутков, Жарко Спасовски, Фаик Мефаилоски и Талија Настова.

    „Претставата е дело од кое секој гледач ќе си отиде погоден, никој нема да остане рамнодушен, недопрен. Режисерот Милчин нѐ потсети на сите вредности, кои од време навреме, работејќи ги забораваме, ги пропуштаме“, вели Маја Љутков. Сценографијата е на Крсте С. Џидров, костимографијата на Марија Пупучевска, музиката на Марјан Неќак.

    Претставата „Злосторство на 21. век“ е прва премиера годинава финансирана од годишната програма на Министерството за култура, театарот претходно изведе две, финансирани од сопствени средства. Таа беше најавена дека премиерно ќе се изведе на 21 април, но од театарот се повлекоа со образложение дека не ги добиле средствата од Министерството.

    „За да можеме да ја реализираме претставата направивме големи резови, споредбено со парите што ги пушти Министерството. Тоа што ја направивме ‘Злосторство на 21. век’ со скратен буџет е гест кој говори колку ни е важен театарот, дека не сакаме да креваме раце од тоа што ни значи. Најмногу од сѐ ги скративме хонорарите, бидејќи тие не се најважни да се создаде нешто“, додаде режисерот Милчин.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари