ИМАМ ЉУБОВ КОН ТЕАТАРОТ, НО МНОГУ СЕ ДАДОВ И ТОА ИСЦРПУВА, ВЕЛИ ДАРКО ЈАН СПАСОВ ЗА ОСТАВКАТА ОД ДИРЕКТОР НА ТЕАТАР КОМЕДИЈА

    ИМАМ ЉУБОВ КОН ТЕАТАРОТ, НО МНОГУ СЕ ДАДОВ И ТОА ИСЦРПУВА,  ВЕЛИ ДАРКО ЈАН СПАСОВ ЗА ОСТАВКАТА ОД ДИРЕКТОР НА ТЕАТАР КОМЕДИЈА„Со никого не сум скаран во Театарот, останувам тука со многу љубов како драматург“, вели Спасов. (Фото: Театар Комедија)

    Директорот на Театар Комедија Дарко Јан Спасов си поднесе оставка од функцијата после година и два месеца, потврди тој за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    „Поднесов оставка од многу лична природа. Јас имам многу љубов кон театарот, но театарот не е само аплаузот, не е само публиката. Тоа е една огромна машинерија која бара многу труд и посветеност и јас во еден момент се почувствував дека немам капацитет. Јас работев во Словенија и поинаку сум воспитан, поинаку се работи. Кога вложувате во градењето на еден систем, жртва е семејството. Јас многу се дадов и тоа многу исцрпува“, ни рече тој.

    Спасов додава дека Комедија има најголема продажба на билети, зад себе има три успешни престави, сметката е полна.

    „Со никого не сум скаран во Театарот, останувам тука со многу љубов како драматург“, вели Спасов.

    Оставката до Министерството за култура ја поднел вчера, па се очекува министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска наскоро да објави кој ќе биде в. д. директор.

    Спасов лани дојде на функцијата откако тогашната министерка за култура Ирена Стефоска ја разреши Магдалена Ризова-Черних, неколку месеци откако претходно ја разреши Нора Шаќири-Марковиќ. На крајот на ноември 2021, вработените во Театар Комедија преку видео на Фејсбук реагира оти не се согласуваат со одлуката на Министерството за култура за разрешување на в. д. директорката Нора Шаќири-Марковиќ и назначување на Магдалена Ризова-Черних за нова вршителка на должноста. Тие побараа  од Стефоска на оваа функција да го постави драматургот Спасов.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира