ВРАБОТЕНИТЕ ВО ТЕАТАР КОМЕДИЈА БАРААТ ДАРКО СПАСОВ ДА БИДЕ В. Д. ДИРЕКТОР ПОСЛЕ НОРА ШАЌИРИ, А НЕ МАГДАЛЕНА РИЗОВА-ЧЕРНИХ

    ВРАБОТЕНИТЕ ВО ТЕАТАР КОМЕДИЈА БАРААТ ДАРКО СПАСОВ ДА БИДЕ В. Д. ДИРЕКТОР ПОСЛЕ НОРА ШАЌИРИ, А НЕ МАГДАЛЕНА РИЗОВА-ЧЕРНИХВработените реагираат дека не се согласуваат со одлуката на Министерството за култура за разрешување на досегашната в. д. директорка Нора Шаќири-Марковиќ. (Фото: Принтскрин од видео)

    Вработените во Театар Комедија преку видео на Фејсбук реагираат оти не се согласуваат со одлуката на Министерството за култура за разрешување на в. д. директорката Нора Шаќири-Марковиќ и назначување на Магдалена Ризова-Черних за нова вршителка на должноста. Тие бараат од министерката за култура Ирена Стефоска на оваа функција да го постави драматургот Дарко Јан Спасов.

    Стефоска денеска ja разреши Шаќири-Марковиќ откако го добила извештајот од Државниот инспекторат за труд, каде стои дека таа презела активности спротивни на член 34 став 1 алинеа 3 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, член 8-а став 1 алинеа 3 од Изборниот законик и член 11 од Законот за заштита од вознемирување на работно место.

    „Со тоа се потврдува дека раководното лице водело и ја завршило дисциплинската постапка врз вработени во време на изборен процес“, велат од кабинетот на министерката Стефоска.

    Шаќири-Марковиќ дојде на функцијата на 2 февруари годинава, откако министерката го разреши дотогашниот директор Сашо Ристовски поради неправилности во работењето.

    „Шокирани сме од оваа одлука  со која за в. д. директор се поставува човек што беше дел од претходната управа која беше разрешена заради неправилности во работењето. Можеби е крајно време Инспекторатот за труд да го посети Театар Комедија. Кога Театарот беше на колена, во долгови, без основни услови за работа и нарушени меѓучовечки односи, в. д. директорката што сега ја разрешува Министерството, успеа да реши дел од овие проблеми и да го врати театарот на вистински пат. Па, се јавува прашањето, дали некој со интенција пробува да го сруши Театар Комедија и да го врати во агонија, во која беше пред да се постави Нора Шаќири за в. д. директор?“, стои во писмото кое на сцена од Театарот го чита актерката Жаклина Петровска, со голем број колеги зад неа.

    Вработените во Комедија велат дека ако Министерството за култура смета оти Нора Шаќири не е соодветен кадар за оваа позиција, тие бараат до распишување на регуларен конкурс за директор на позицијата да се постави Спасов, за кого велат оти е меѓународно етаблиран професионалец, „човек во кој целиот ансамбл има доверба“.

    „За разлика од претходните наши укажувања за последниве 5 години, се надеваме и инсистираме дека овој пат ќе биде послушан гласот на ансамблот и и на вработените во Театар Комедија. Во спротивно ќе ги искористиме сите правни и јавни механизми кои ни се на располагање“, вели Петровска.

    Шаќири-Марковиќ преку фесјбук објава вели дека како директорка повела дисциплинска постапка за вработен кој без никакво образложение, без слободни денови, по завршувањето на колективниот одмор заминал на патување и истото го поткрепил со фотографии и за истото се изјаснил пред комисијата која го донесе решението за дисциплинска казна дека е виновен и казната ја прифатил.

    „По анонимна пријава за мобинг пратена до заменик на претседателот на Владата за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси министерот Љупчо Николовски, во театарот дојде вонреден инспекциски надзор односно Државниот инспекторат за труд, кој донесе записник во кој се наведува дека инспекторатот за труд не може да донесе инспекциска мерка врз основа на член 22 и 23 од Закон за спречување на корупција и судир на интереси и предметот ќе биде испратен до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) како надлежен орган. Во однос на ова, сакам да ве известам дека до овој момент од ДКСК ништо не е пристигнато, па по тој основ решението за мое разрешување е неосновано и дека во институцијата не е стигната никаква пријава за вршење на мобинг од мене кон вработен“, стои меѓудругото во нејзината објава.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира