Маските, фигурините, ткаенините, накитот, скулптурите и керамиката, донесени или поврзани со Африка, кои се изложени во Музејот на Северна Македонија, ја раскажуваат врската на државава со не толку далечниот простор, вели еден од авторите на изложбата „Африка во Македонија“, доц. д-р Гоце Наумов.
Наумов лани ја организираше изложбата „Духовите на Африка: ритуална западноафриканска уметност“.
„Духовите на Африка некако ѝ отворија пат на Африка во Македонија. Уште додека ја подготвувавме минатата изложба се појави идејата за овогодишната поставка. Сите оние маски, фигури и ткаенини од Духовите на Африка ја интензивираа свесноста за африканските елементи во македонската (пред)историја, колку и да тие делуваат неповрзани. Затоа и таа изложба ја затворивме со предавањето на проф. д-р Никос Чаусидис кој работеше на симболичките аспекти на црниот човек во минатото. Оттаму произлезе и нашата заедничка работа на Африка во Македонија. Токму поради тоа што за многумина Африка изгледа како далечен простор и неспоив со Македонија, имавме дополнителен мотив да го покажеме спротивното. Како резултат на тоа, произлегоа мноштво нови сознанија за врските меѓу овие простори во скоро сите предисториски периоди, антиката, средниот век, отоманскиот период и модерното време. Беше фасцинантно да се открива како Африка е генетски, демографски, културно, религиски и политички поврзана со нас и со оние што во последните неколку илјади години живееле тука“, ни рече Наумов.
Во подготвувањето на изложбата, Наумов и Чаусидис им се обратиле на повеќе археолози, историчари, историчари на уметност и етнолози. Голем дел од нив работат во музеи и постојано се во контакт со „африканските“ артефакти, така што, вели Наумов, биле мошне расположени за соработка и со желба нивните институции да придонесат во оваа изложба. Поради тоа, освен стручњаци од Музејот на Северна Македонија, има и од Завод и музеј-Битола, Завод и музеј-Охрид, Музеј на Град Скопје, Археолошкиот музеј на Северна Македонија, НУ Стоби, Универитетот Кирил и Методиј, Управата за заштита на културното наследство, Народен музеј-Велес, Воениот музеј, Собранието и Универзитетот „Гоце Делчев“.
„На овој начин, сакавме да покажеме дека оваа навидум шпекулативна тема за врските меѓу Македонија и Африка е сосем издржана и елаборирана од врвни македонски стручњаци. Така што, ниту еден од избраните предмети или поглавјата во каталогот не се базирани на паушални претпоставки, туку на издржани теории базирани на мноштво аргументи. А најсилни аргументи се самите експонати што се поставени во изложбата“, вели археологот Наумов.
Друга категорија предмети ја сочинуваат личните сувенири на повеќе македонски граѓани што живееле, престојувале или ја посетиле Африка, или пак се во некаква духовна врска со овој континент. Тие во текот на својот престој во Африка купиле или добиле разни фигурини, маски, ткаенини и накит од народите што таму живеат и сега се многу поврзани со нив. Наумов продолжува дека тие многу ентузијастично реагирале кога им понудиле да ги изложат нивните предмети и со голема доверба им овозможиле да ја збогатат изложбата со извонредни уметнички ракотворби.
„Тие на некој начин сѐ уште ја внесуваат Африка во Македонија и имаат сосема соодветно место во изложбата. Во таа смисла, Скопскиот џез фестивал игра огромна улога во афирмирањето на африканската култура кај нас и одлично се вклопува во нашата тема за постојаната поврзаност меѓу Африка и Македонија“, кажа тој.
Со Наумов поразговаравме и за неговиот интерес за овој континент, и тој вели дека во основа неговата фасцинација временски и географски е насочена кон други периоди и предели.
„Но, Африка почна да се вовлекува во разни сегменти од моето истражување и музицирање иако никогаш интересот не одел во тој правец. Постепено доаѓате до сознанија колку е овој простор клучен, но некако политички е постојано трган настрана, како во домен на културата, така и во домен на глобалните стратегии. Есенцијалните научни откритија во Африка се афирмирани пред се‘ од западни научници, а она што се третира како африканска народна култура се доживува како забава и занимација и се банализира на ниво на етно музика и фолклор. Оваа злоупотреба на африканските народи некако го минимизира нивниот удел и присуство во европската култура и во основа нема многу проучувања што ги афирмираат овие аспекти“, вели Наумов.
Според него, Африка постојано се доживува како нешто далечно и диво, а нејзините жители како неспособни да еманципираат други, и не случајно се истакнуваат претежно како забавувачи (музиканти) и спортисти.
„За жал, ваквото видување на Африканците не е иманентно само во Западна Европа, туку истиот дух владее и кај нас и скоро сите на кои им ја најавувавме темата на изложбата со неверување реагираа на истата. Меѓутоа, овој континент, кој претежно се доживува како нерафиниран, има извонредни естетски достигнувања и неверојатен диверзитет на култури. Тоа сакав да го истакнам со минатата изложба ‘Духовите на Африка’, единствено фокусирана на племенските култури, додека оваа е фокусирана на повеќе фасцинантни заедници и популации од различни временски периоди и региони во Африка. Затоа, не случајно на изложбата ќе ги видите и пралуѓето откриени во Африка, а од кои сите ние потекнуваме, потоа египетските божества што биле и кај нас почитувани, бројните артефакти кои ги истакнуваат симболичките обележја на црните луѓе, мноштвото африкански предмети импортирани во Македонија во антиката, етиопските христијански светци почитувани и во македонските цркви, учеството на Африканци во Македонскиот фронт, преводите на африкански писатели на македонски јазик итн. Како што спомнав, некако ве фаќа инает кога нешто толку важно и очигледно се обезличува и минимизира, дури и арогатно се третира и перцепира како нецивилизирано. Тоа исто така потсетува и на начинот на кој ние се самите се перцепираме, а секако и на начинот на кој другите нѐ третираат. Така што претставува допонителен мотив да покажете дека она што е афирмирано како синоним за диво и нецивилизирано (Африка) е поврзано со она што се идентификува како несозреано и конзервативно (Македонија)“, смета Наумов.
Но, спротивно на тоа, вели, токму претставените предмети и илустрации во оваа изложба покажуваат дека во разни времиња постоеле врвни достигнувања во технологијата, уметноста и религијата кои биле создавани во Африка и афирмирани во Македонија и пошироко на Балканот.
„И тоа не треба да се сфати како романтична референца за минатото (кога, нели, некогаш живееле подобри и поумешни луѓе), туку и како денешна реалност во која африкански поети се преведуваат од истакнати македонски писатели, кога африкански музичари соработуваат со наши изведувачи или кога македонски граѓани чуваат дома прекрасни африкански ракотворби. Се надеваме дека со изложбата ќе ги редифинираме перцепциите за диво и нерафинирано или за далечно и неспоиво, бидејќи како што наведуваме и во воведот на каталогот, Либија е исто толку далеку како и Франција од Македонија, а Нигерија дури е поблиска до Македонија од Финска. Доколку се спушти велот на недовербата, изложените артефакти ќе укажат дека она што денес го разбираме како далечно (и поради тоа го отфрлуваме), всушност било составен дел од она што сме ние и дел од оние што тука живееле во последните илјадници години. Тоа уште повеќе го истакнуваат предметите во кои се вкоренети врвни уметнички и филозофски достигнувања и кои преку својата убавина и промисленост го покажуваат присуството на Африка во Македонија од предисторијата до денес“, вели доцент д-р Наумов.
Б. НЕСТОРОСКА