Фатих Акин, реномираниот германски режисер, сценарист и актер со турско потекло, добитник на Златна мечка и Златен глобус, на денешната средба со филмофилите и неговите фанови во Битола на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“, откри дека на својата лева рака има истетовирано име на тесна од турски хип-хоп музичари во која се пее за неправдите во светот.
„Додека растев во 1980-те, во Германија почнуваше да се развива германскиот хип-хоп и беше поангажиран, се зборуваше за политички теми, за насилството, за она што е важно во соседството, за проблемите на младите. Но, денешниот германски хип-хоп е многу лош, зборува за некои многу тривијални работи што не се многу актуелни. Бев разочаран, тоа го слушаа и моите деца и воопшто не ми се допаѓаше. И токму во тој период, видов дека во Турција се собрале 15 млади хип-хоп артисти и направиле песна за сѐ она што е политички проблем во светот, од насилство врз жени, климатски промени, диктатури. Она што јас сакав да се случи во Германија, која е многу аполитична во моментов, видов дека се случи во Туција и бев многу горд“, рече Акин.
Тој изведбата на турските музичари ја споделил на социјалните мрежи. Потоа еден од музичарите, кој воедно бил и негов обожавател, му пишал дека е многу благодарен што толку познат автор ја споделил нивната песна.
„Јас му реков дека јас него треба да му се заблагодарам зашто ми даде надеж. Надеж во младите. Надеж во иднината. Учам од младите и тие ме инспирираат, не им испраќам јас ним порака туку тие мене. Па, името на песната го истетовирав на раката. Ме инспирираат млади кои трезвено размислуваат“, откри Акин.
Режисерот рече дека во неговите филмови се занимава со насилството, со општествените проблеми, со последиците од злото, со војните, затоа што знае дека повеќето луѓе денес сакаат да заборават на минатото и само да прават пари.
Вчера, на Фестивалот играше неговиот најнов филм „Златна ракавица“, каде кинематографер е неговиот близок соработник, извонредниот Рајнер Клаусман со кого имаат снимено 8 филмови. Говорејќи за режисерската постапка во „Златна ракавица“, Акин кажа дека филмот го снимал според истоимениот роман. Инаку, настанот со серискиот убиец во Хамбург се случувал во соседството на Акин, а неговиот чичко му бил прв сосед на Франц Хонка.
Акин и Клаусман заедно снимаат филмови од 2002 , па Акин рече дека си се лојални еден на друг како да се во брак, а Клаусман рече дека му падна џек-пот со тоа што го има Акин за режисер.
„Првпат го сретнав кога бев актер во 1990-те години, дојдов на снимање, сакав да правам филмови. Тој сакаше дисциплина, секој актер да си ја завршува својата работа. Тогаш имав дваесет и нешто години и во прво време бев исплашен од него, но и импресиониран од неговата работа. Беше авторитет и го почитував. Потоа почна нашето пријателство. Имаме долга и интимна врска. Некогаш е како брак, лојален ми е како да сме во брак“, додаде Акин.
Рајнер, пак, го пофали дека бил снаодлив, паметен и брзо учел, па рече: „Ако се вратам наназад во минатото, како џек-пот да добив што го имам него за соработник“.
На прашањето за насилството во неговите филмови, Акин вели дека тоа не може да се избегне како сеприсутно во нашето окружување, и додаде дека како млад сакал гангстерски филмови.
„Секој режисер на почетокот мисли дека е најдобар, и тој егоизам не е лоша работа, бидејќи потекнува од неговиот начин на живот во младоста, неговите пријатели. Во младоста имав други инспирации, денес имам други“, вели Акин.
Во разговорот што траеше час и половина се вклучи и кинематограферот Едвард Лакман, лауреат на Златна Камера 300 за животно дело годинешното издание на „Браќа Манаки“, кој на Акин и Клаусман им порача: „Снимајте на филмска лента“.
На тоа Акин му одговори дека многу би сакал да снима на филмска лента, но денес киносалите се веќе полупразни и публиката е навикната на дигиталната слика, а продуцентите постојано ги намалуваат буџетите. Лакман, сепак, им даде практични совети како да ги задоволат продуцентите, а сепак да снимат филм на лента.
Ж. ЗДРАВКОВСКА