„Исцелител“, дебито на режисерот Ѓорче Ставрески, ја освои наградата за најдобар филм во меѓународната селекција на фестивалот во Санта Барбара, Калифорнија, една од најзначајните смотри на независен авторски филм во САД. Ова е трета фестивалска награда за „Исцелител“, по признанието од публиката во Солун, и онаа за најдобро сценарио на Фестивалот на медитерански филм во Брисел.
Во „Исцелител“, црната комедија за синот кој нема пари да му купи лекови за рак на болниот татко па почнува да го лечи со алтернативна медицина, играат Благој Веселинов и Анастас Тановски, камерата е на Дејан Димески. Македонската премиера беше на 19 ноември, на затворањето на филмскиот фестивал Синедејс во Скопје, а филмот уште е во кино дистрибуција низ Македонија.
Минатиот месец премиерно играше на каналот „Синемакс“ на најголемата светска ТВ мрежа „Ејч-Би-О“ во 14 земји во Европа, а ќе биде достапен и на услугата видео на барање – „Ејч-Би-О-Гоу“ .
Ова е прва македонско-грчка копродукција, а Ставрески вели дека грчкиот продуцент се нафатил за филмот и покрај економската криза во Грција. „Исцелител“ досега беше на фестивалите во Талин (Естонија), Гоа (Индија), повеќе светски медиуми напишаа пофални рецензии.