ИТАЛИЈАНСКИТЕ ТЕНОРИ ДЕ АКРИСА, СЕРА, ПАЛМИЈА И ТАРКВИНИ ГО ОТВОРААТ 62. ОХРИДСКО ЛЕТО НА 12 ЈУЛИ

    ИТАЛИЈАНСКИТЕ ТЕНОРИ ДЕ АКРИСА, СЕРА, ПАЛМИЈА И ТАРКВИНИ ГО ОТВОРААТ 62. ОХРИДСКО ЛЕТО НА 12 ЈУЛИОваа година селекторки на програмата се Бисера Чадловска и Сања Арсовска (Фото: СДк.МК)

    Со концертот на светски познатите италијански тенори Алесандро Косентино де Акриса, Федерико Сера, Џовани Марија Палмија и Уго Тарквини, кои ќе настапат заедно со Оркестарот на Националната опера и балет, а под диригенската палка на Лоренцо Бицари, на 12 јули во Античкиот театар ќе биде отворено 62. издание на Охридско лето.

    „Нè очекуваат 40 атрактивни и возбудливи фестивалски вечери со богата програма, создадена од нашите врвни и докажани уметници, а сега селекторки, Бисера Чадловска, диригентка во Националната опера и балет и актерката Сања Арсовска“, вели директорката на Охридско лето, Наташа Поповиќ.

    На денешната прес-конференција, таа кажа дека историјата на Охридско лето претставува значаен момент од нашето културно живеење.

    „Фестивалскиот оган, чиј блесок повеќе од половина век ги најавува најголемите, најславните и највозвишените уметници од светот на музиката и театарот, и годинава ќе биде симбол на фестивалските вечери исполнети со музика и театар, кои соединети на сцената создаваат неповторливи доживувања“, кажа Поповиќ.

    Селекторката на музичкиот дел од програмата Бисера Чадловска рече дека е чест и одговорност да се селектира програма на најголемата музичко-сценска манифестација кај нас.

    „За сите нас музички уметници претставува гордост да се настапи на сцените во Охрид. Често сум настапувала на фестивалот и чувството на возбуда пред овие настапи ми е добро познато. Почестена сум што оваа година се наоѓам од другата страна, како селекторка“, рече Чадловска, која го издвои настапот на прославениот виолинист Стефан Миленковиќ.

    Сања Арсовска, селекторката на драмскиот дел, кажа дека 62. Охридско лето носи претстави и театри кои македонската публика немала прилика да ги види, а кои отскокнуваат со своите квалитет, форма, актуелност и наратив.

    „Најстариот македонски интернационален фестивал инсистира на остварување на високи уметнички амбиции и на емотивна комуникација со публиката. Затоа, годинашната програма е селектирана по принципот на глобална важност и проблемите кои ги живееме, кои нè допираат и образуваат. За првпат, доминанти во програмата се режисерки. Шест режисерки и четворица режисери со своите претстави ќе дадат печат на ова фестивалско издание“, изјави Арсовска.

    Од 12 јули до 20 август, на отворените сцени Антички театар, Долни Сарај, црквата „Света Софија“ и Центарот за култура ќе настапат над 1.000 уметници од 25 земји. Во програмата ќе бидат 36 концерти, девет театарски претстави и уште шест други настани. Химната на Охридско лето првпат ќе ја изведат солисти-дувачи од Оркестарот на НОБ.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира