Селекција на дела од вредната уметничка збирка на Музејот на современата уметност – Скопје (МСУ) на почетокот на следната година за првпат ќе биде претставена во музејот Кунстхале, дел од Музејската четврт во Виена, соопшти МСУ.
„Концептот предвидува 8 меѓународни уметници да направат своја селекција од колекцијата и да осмислат поставка со која ќе воспостават дијалог помеѓу овие дела и нивната работа. Идејата е да се види како денес уметниците ја доживуваат оваа збирка, настаната преку уметничката солидарност. Дел од изложбата ќе биде и документарна секција за Скопје, трансформацијата на градот и приказната за МСУ-Скопје и неговата колекција. Тоа значи дека во една од европските метрополи и најпознати уметнички центри ќе бидат афирмирани и драгоцената збирка на МСУ и градот Скопје“, велат од МСУ.
Уметници, кои веќе избираат дела од збирката на МСУ со кои ќе воспостави дијалог помеѓу делата и нивната работа се Брук Ендру (Австралија), Јане Чаловски (Македонија), Христина Ивановска (Македонија), Синиша Илиќ (Србија), Иман Иса (Австрија) и Ѓулсун Карамустафа (Турција). Уметница, која создава фотографии од Скопје и МСУ е Елфи Семотан (Австрија), и уметница која прави патопис низ градот и музејот е Барби Марковиќ (Србија).
„Досега во посета на Скопје и МСУ беа најголемиот дел од уметниците, кои веќе започнаа со фотографирање и избор на дела од уметничката колекција на музејот. Присуството на Брук Ендру и Иман Иса во МСУ – Скопје, покрај нивните обврски врзани со претстојната изложба, МСУ го искористи да одржат и ‘Уметнички разгвоор’ за поширока публика. За време на својот престој во МСУ, Синиша Илиќ ја истражуваше колекцијата и правеше избор на дела, додека Барби Марковиќ, во своите истражувања за музејот и Скопје, собираше информации, кои понатаму ќе ѝ послужат околу креирање пишани тeкстови поврзани за изложбата. Неодамна во посета на МСУ беше и Елфи Семотан, една од најпознатите современи фотографки, која сними фотографии од нашиот музеј и од неколку клучни локации на Скопје“, велат од МСУ.
„Во Кунстхале имавме неколку работни средби на кои разговаравме за овој амбициозен проект. Кураторскиот тим на оваа важна институција и неколку меѓународно признаени уметници, претходно веќе беа во МСУ – Скопје, каде почнаа да ја прават селекцијата, за тоа, кои од значајните дела на нашата колекција ќе бидат изложени следната година во Кунстхале. Она на што работиме сега е да видиме и каков е интересот за гостување на овој проект и во други сродни музеи низ Европа и пошироко. Важно е да се знае дека ова ново читање на нашата колекција ќе и биде претставено и на нашата публика, по завршувањето на изложбата во Кунстхале во Виена. Нашите активности врзани за промовирање на колекцијата на МСУ предизвикаа и реакција кај значајни современи уметници, кои одлучија да донираат свои дела на МСУ: Ахмет Огут, Јонас Стаал, Артур Жмијевски и Павел Алтхамер, колективот Что делат, Таниа Бругера и други. Се работи за едни од водечките уметници на светската уметничка сцена денес“, велидиректорката на МСУ Мира Гаќина.