ИЗЛЕЗЕ ПЕТТАТА КНИГА КОЛУМНИ „САКАМ ДА КАЖАМ“ НА ГОРАН МИХАЈЛОВСКИ

    ИЗЛЕЗЕ ПЕТТАТА КНИГА КОЛУМНИ „САКАМ ДА КАЖАМ“ НА ГОРАН МИХАЈЛОВСКИ„Се надевам дека еден ден, читајќи ги колумните од периодот опфатен во оваа книга, сепак ќе се смееме на тоа што сме го преживеале“, вели Михајловски; - Последната збирка колумни покрај претходните четири книги (Фото: СДК.МК)

    Петтата книга од збирката колумни „Сакам да кажам“ на Горан Михајловски излезе од печат. Станува збор за колумните објавени во весникот „Вест“ во периодот од 2012 до 2015 година, и со тоа се заокружува животот на овие колумни во печатено издание. Од јануари 2016, колумната излегува само на Интернет.

    Колумната „Сакам да кажам“ постои 27 години. Тоа е најдолготрајната и најпопуларна колумна во историјата на македонското новинарство. Првата колумна е објавена на 12 јануари 1991, во саботното издание на весникот „Вечер“, од јули 2000 до декември 2015 излегуваше во „Вест“ , а од 2016 е заштитен бренд на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Авторот вели дека издавањето на петтата книга  (2012-2015) требало да биде славеничко за да се одбележи четврт век откако тој ги бележи настаните во Македонија. Но, на крајот на 2015 тој беше приморан да го напушти весникот кој го основаше и го водеше 15 години и бидејќи останал без работа, вели дека тогаш не му било до славење.

    „Се случи токму овој период од 2012 до 2015 да биде најтегобниот период – и за мене лично, и за професионалното новинарство и за колумната. Тоа е период кога систематски се уништуваше весникот ‘Вест’ во кој секоја сабота излегуваше колумната, а јас трпев и лични и професионални притисоци“, вели авторот.

    Корица на книгата ја изработи  уметникот Зоран Кардула, а на задната страна авторот Михајловски има забележано:

    „Признавам, овие години ми беше најтешко да го кажам тоа што сакав да го кажам. Тоа го чувствуваа и моите редовни читатели, но не ме напуштија. Како да имавме таен договор дека само заедно крепејќи се ќе можеме заеднички и да се избориме да се врати времето кога ќе може да се каже тоа што се сака. Борбата продолжува и ќе трае уште долго. Ама ниеден збор што сакаме да го кажеме нема да биде премолчен. Само гласното кажување е главното оружје во таа борба. Се надевам дека еден ден, читајќи ги колумните од периодот опфатен во оваа книга, сепак ќе се смееме на тоа што сме го преживеале“.

    Книгата е издание на Матица Македонска, и се продава за 490 денари во книжарниците на оваа издавачка куќа.

    Архивата на сите колумни на Михајловски од 1991 до денеска се достапни на страницата САКАМДАКАЖАМ.МК, исто како и електронските изданија на претходните 4 книги.

    Колумните објавени од јануари 2016 до сега се достапни и во аудио верзија на саундклауд каналот на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Архива

    Слушај тука

    Книги

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира