Утре во Галеријата МЦ во Њујорк, која е Македонски културен центар, ќе се отвори изложбата „Жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје“. Автори на проектот се Ана Ивановска-Дескова, Владимир Десков, Јован Ивановски и Бојана Стојменовска. Изложбата во декември 2021 беше отворена во Музејот на Северна Македонија.
Фокусот на изложбата е придонесот на жените архитекти во архитектонската сцена во Социјалистичка Република Македонија, особено во периодот на постземјотресната обнова на Скопје.
- АРХИТЕКТКИТЕ НЕСТОРОВА-ТОМИЌ, ЌОСЕВСКА, ПАПЕШ ГО ИЗГРАДИЛЕ СКОПЈЕ ВНЕСУВАЈЌИ ГО ЕВРОПСКИОТ МОДЕРНИЗАМ, ВЕЛАТ АВТОРИТЕ НА НОВАТА ИЗЛОЖБА
- АРХИТЕКТКИТЕ КОИ ГО ГРАДЕЛЕ ПОСТЗЕМЈОТРЕСНО СКОПЈЕ СО ИЗЛОЖБА ВО МУЗЕЈОТ НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Според авторите на изложбата, периодот на 1960-те, 1970-те и раните 1980-те години е време на интензивно архитектонско и урбанистичко творештво за Мимоза Томиќ, Вера Ќосевска, Љубинка Маленкова, Олга Папеш, Василка Ладинска и многу други авторки.
„Во втората половина на 20. век, значително се менува улогата на жената во македонското општество. Во новонастанатиот политички, економски, социјален и културен контекст, жените го прават својот прв пробив во мноштво професии, кои претходно се сметале за ‘машки’. Обемниот и сеопфатен модернизациски и еманципаторски проект значи забрзано менување на структурата и ликот на градовите, а жените архитектки рамноправно учествуваат во обликувањето на новиот животен простор. Образовани во веќе реномираните архитектонски школи и културни центри – Белград, Загреб и Љубљана, каде архитектонскиот модернизам навлегува директно од европските центри – Париз, Берлин, Виена, Прага, по нивното враќање во Скопје имаат силно влијание врз развојот на македонската архитектонска сцена, ширејќи ја модернистичката идеја и култура помеѓу помладите генерации на архитекти“, велат авторите на проектот.
Изложбата е резултат на едногодишниот проект од областа на културата и архитектурата насловен „Улогата на жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје“ кој Здружението на граѓани за поддршка и промоција на културата го спроведе со пари од Амбасадата на Швајцарија.