ИЗЛОЖБАТА НА ДОКСИЈАДИС ВО МСУ ЈА ОСВЕЖИ ПРИКАЗНАТА ЗА ОБНОВАТА НА СКОПЈЕ ПО ЗЕМЈOTРЕСОТ 

    ИЗЛОЖБАТА НА ДОКСИЈАДИС ВО МСУ ЈА ОСВЕЖИ ПРИКАЗНАТА ЗА ОБНОВАТА НА СКОПЈЕ ПО ЗЕМЈOTРЕСОТ Доксијадис е еден од многуте меѓународни експерти поканети од Обединетите нации, кои го водеа процесот за обнова на Скопје. (Фото: К. Попов)

    Придонесот на грчкиот архитект и планер Константинос А. Доксијадис во обновата на постземјотресно Скоје е во фокусот на изложбата „Иднината како проект – Доксијадис во Скопје“, што се отвори синоќа во Музејот на современа уметност (МСУ).

    Во Скопје е поставена пет години откако за првпат беше претставена во музејот Бенаки во Атина.Во Скопје е поставена пет години откако за првпат беше претставена во музејот Бенаки во Атина. (Фото: К. Попов)

    Доксијадис е еден од многуте меѓународни експерти поканети од Обединетите нации, кои го водеа процесот за обнова на Скопје. Архивите ја откриваат и неговата длабока емпатија за настраданиот град. Неговата лична работа и работата на неговата компанија и деталните истражувања на подрачјата погодени од земјотресот, студиите за домување, дијаграмите, зборовите и размислувањата, придонесоа во изработката на Основниот план за обнова на Скопје.

    Грчката амбасадорка Софија Филипиду ја отвори изложбата во МСУ. (Фото: К. Попов)

    Изработениот Основен план го отвора патот кон градежниот бум што ќе следи во Скопје кон крајот на 1960-тите и 1970-тите години, претворајќи го „градот на меѓународната солидарност“ во една од престолнините на доцно-модерната архитектура и планирање.

    Архивите ја откриваат и длабоката емпатија на Доксијадис за настраданиот град. (Фото: К. Попов)

    Изложбата се одржува 60 години по катастрофалниот земјотрес во Скопје, на 26 јули во 1963, а целта е да се обнови приказната за обновата на градот, и меѓудругото изложени се и исечоци од весникот „Нова Македонија“ од дента по катастрофата.

    Изложбата се одржува 60 години по катастрофалниот земјотрес во Скопје. (Фото: К. Попов)

    Во Скопје е поставена пет години откако за првпат беше претставена во музејот Бенаки во Атина. Концептуално е збогатена со уметнички дела од колекција на Музејот на современата уметност во Скопје, кои се подарени од грчки уметници.

    Фотографија Кензо Танге со тимот пред нивната макета за источната област на центарот на Скопје. (Фото: К. Попов)

    Автори и куратори на изложбата се Јован Ивановски, Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков, Калиопи Амигдалу, Костас Циамбаос во соработка со истражувачкиот тим во кој се Теа Дамјановска, Михајло Стојановски и Христос Георгиос Критикос.

    Изложбата ќе биде отворена за посета до 20 јануари, 2024.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира