ИЗЛОЖБАТА СО ЗЛАТНИТЕ МАСКИ ЌЕ СЕ ПРЕТСТАВИ ВО СОФИЈА КАКО „105 ГОДИНИ ОД ТРЕБЕНИШТЕ“

    ИЗЛОЖБАТА СО ЗЛАТНИТЕ МАСКИ ЌЕ СЕ ПРЕТСТАВИ ВО СОФИЈА КАКО „105 ГОДИНИ ОД ТРЕБЕНИШТЕ“Во поставката се и златните маски кои се чуваат во Белград, Софија и една во Охрид, и кои за првпат на оваа изложба се изложуваат заедно. (Фото: К. Попов)

    Изложбата „100 години Требениште“ , која во Скопје во 2019 беше отворена 6 месеци, ќе биде реализирана и во Софија, како „105 години од Требениште“. Владата денеска ја усвои информацијата од Министерството за култура за реализација на меѓународната изложба која е уникатна по наодите кои го претставуваат животот покрај Охриското Езеро од 6 до 4 век пред н. е. Во поставката се и златните маски кои се чуваат во Белград, Софија и една во Охрид, и кои за првпат на оваа изложба се изложуваат заедно.

    Ексклузивните наоди од некрополата Требениште, кои во 2019 година во соработка на музеите на Македонија, Србија и на Бугарија, беше поставена во Скопје, како што беше тогаш најавено, ќе биде претставена во Националниот археолошки институт со Музеј при Бугарската академија на науките во Софија. Организаторите тогаш најавија дека треба да биде претставена и во Белград.

    Некрополата Требениште, која се наоѓа кај селото Горенци во близината на Охрид, била случајно откриена при копање ровови од бугарски војници. Бројните златни, сребрени и бронзени предмети од гробовите биле пренесени во Музејот во Софија каде се наоѓаат и денес. Истото се случува и со следните наоди од истражувањата во 1932 и 1934 кои ги извел Народниот Музеј од Белград, каде се наоѓаат и денес. Со македонските ископувања во Требеништа во 1972 од Заводот и Музеј од Охрид, биле откриени погребувања и од помладите хронолошки рамки на оваа некропола, а наодите кои се наоѓаат во Охрид исто така ќе бидат дел од изложбата. Меѓу нив е и златната маска најдена кај Горна Порта во 2011.

    „Покрај уникатноста на наодите, оваа поставка е уникатна и по тоа што на овој локалитет работеле археолози од трите земји каде што преку своите институции го афирмираат културното наследство од требенишкиот локалитет. Како плод на соработката на стручните тимови на Археолошки музеј на Северна Македонија, со Националниот археолошки институт со музеј во Софија, Бугарија и со Народниот музеј на Србија во Белград каде што се чуваат вредните артефакти од некрополата, во 2019 година се реализираше изложбата која заокружи единствена приказна за случајното откритие во 1918 година, во близина на селото Требениште, кај Охридското Езеро“, вели Министерството за култура.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира