Јовица Ивановски со стихозбирката „Човек“ е добитникот на годинашната награда „Браќа Миладиновци“ на Струшки вечери на поезијата (СВП). Жирито на чело со Милован Стефановски и членовите Лорета Георгиевска-Јаковлева, Тихомир Јанчовски, Лидија Капушевска-Дракулевска и Снежана Стојчевска, објави дека едногласно ја избрало „Човек“ меѓу петте збирки поезија кои влегоа во потесниот избор, поради кохерентната структура, тематско-мотивски опсег, како и оригиналниот и автентичен израз.
„Најновата поетска книга на Јовица Ивановски е многу типична за поезијата на овој автор и ги содржи сите битни одлики по кои тој стана и е препознатлив: деметафоризираниот поетски јазик, импулсивноста, едноставниот израз, сериозноста проткаена со хумор, искреноста, (авто)иронијата и потсмевот. Во неговите стихови сите тие се менуваат и надополнуваат, сопостојат или зрачат симултано. Тие понекогаш ја прават оваа поезија противречна, но токму затоа особена, неповторлиав и интересна. Ставајќи ја нагласката на човекот, авторот ја промовира хуманоста и вистинските човекови вредности. Поезијата на Ивановски е обид за осмислување на бесмислата и за хуманизирање на дехуманизираниот свет“, се вели во одлуката на жирито.
На четвртиот ден од СВП, 32 поети од странство и 30 од земјава го посетија Охрид, а ќе учествуваат на „Поетски портет“ во чест на починатиот поет Матеја Матевски по повод 90-годишнината од неговото раѓање, во 19 часот во предворјето на црквата „Света Софија“ во Охрид. Во 20.30 часот, во црквата ќе се одржи поетскиот портрет на годинашната добитничка на Златниотн венец, романската поетеса Ана Бландијана.
Во Струга точно на полноќ, во Центарот за култура ќе се одржи поетското читање „Ноќ без интерпункција“.