ЌЕ ГО ОДБРАНИМЕ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК СО НАШЕТО ТВОРЕШТВО, ВЕЛИ ТОМИСЛАВ ОСМАНЛИ, ДОБИТНИКОТ НА РАЦИНОВОТО ПРИЗНАНИЕ

    ЌЕ ГО ОДБРАНИМЕ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК СО НАШЕТО ТВОРЕШТВО, ВЕЛИ ТОМИСЛАВ ОСМАНЛИ, ДОБИТНИКОТ НА РАЦИНОВОТО ПРИЗНАНИЕ„Добитниците на Рациновото признание за мене биле сјајни ѕвезди на македонското книжевно небо“, вели годинашниот лауреат Томислав Османли. (Фото: СДК.МК)

    Томислав Османли е добитник на Рациновото признание за 2020, за книгата „Парадоксикон“ во издание на „ВиГ зеница“ од Скопје. За наградата биле пријавени 19 прозни книги, а тричленото жири со Катица Ќулавкова, Гордана Јовиќ-Стојковска и Трајче Кацаров, вели дека немале дилеми околу добитникот на наградата.

    „Од тоа што го добивме како предлог за наградата, немавме дилема на која книга и кој автор да ја доделиме наградата, затоа што името на Томислав Османли и неговата книга ‘Парадоксикон’ уште на првиот прочит се наметнаа како маркантно дело, во составот од предложените книги и автори. Се издвојуваше како квалитет на книга и авторот во целина, имајќи го во предвид неговото целокупно творечко дело. Предлог за наградата беа дела од релативно помлади автори, млада генерација, а дел од нив внесуваат иновации во македонската книжевност“,  кажа академик Ќулавкова, образложувајќи ја одлуката на жирито.

    Во потесниот круг за награди биле и „Шрапнел“ на Игор Анѓелков, „Класифицирано“ на Лилјана Пандева и Живко Гроздановски со „50 раскази“.

    Добитници за почесното Рациново признание се професор д-р Виктор Фридман од Чикаго, САД и професор д-р Јоуко Сакари Линдстет од Хелсинки, Финска.

    Наградата Рациново признание на авторот ќе му биде врачена на 57. издание од манифестацијата, која ќе се одржи в петок и сабота.

    „Голема е возбудата за вака големо и високо признание. Добитниците на Рациновото признание за мене биле сјајни ѕвезди на македонското книжевно небо. Ова е моја 28. книга, но се надевам дека ќе продолжам да ги негувам традициите на двете сјајни вертикали, кои Рацин со своето дело и живот ги постави. Тоа се вертикалата на македонскиот јазик, на кој говориме, пишуваме, комуницираме, сонуваме и пишуваме. Втората вертикала е интернационалистичката, космополитската димензија која Рацин ја донесе со неговата поезија. Нашиот македонски јазик знае често да биде предмет на напади, на негација, на релативизација, од некои преживеани структури во блиските средини, кои се прават несреќни, како што сме сведоци, затоа сме тука да го одбраниме со нашето творештво, со почитта кон родоначалниците. Еден од нив е и Кочо Рацин“, рече добитникот Османли.

    Беседата за Рацин, на отворањето на 57. Рацинови средби,  ќе ја одржи Васил Тоциновски. На манифестацијата ќе се одржи меѓународна научна конференција на две теми „75 години современ македонски јазик, азбука и правопис“ и „Јазикот и стилот во творештвото на Горан Стефановски“, кои се во организација на Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“. Ќе има и поетски меѓународен митинг со учество македонски и на странски автори, некои ќе бидат присутни физички, други преку видео читање. Ќе бидат врачени наградите, ќе има промоција на книги, поетски перформанс на велешките актери.

    Сите настани ќе се одржат согласно протоколите за заштита од ковид-19, рече градоначалникот Аце Коцевски.

    На двете вечери предвидени се и настапи, мини концерти како на групата „Синтезис“, а на втората на велешкиот камерен оркестар „Ангел Шурев“.

    Манифестација ќе се одржи на отворено во Амфитеатарот во Младинскиот парк, а научниот симпозиум во Велешкиот театар.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира