КИЛИ БЕШЕ ФРАЕР СО ХАРИЗМА ДО НЕБОТО, РЕКОА ГЛУМЦИТЕ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ВО МНТ

    КИЛИ БЕШЕ ФРАЕР СО ХАРИЗМА ДО НЕБОТО, РЕКОА ГЛУМЦИТЕ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ВО МНТКолегите и пријателите на комеморацијата со многу љубов, емоции и сеќавања зборуваа за пријателствата со актерот Кирил Поп Христов-Кили, кој почина на 11 март на 58 години во Еквадор. (Фото: К. Попов)

    „Кили беше неповторлив и единствен, човек кој целиот свој живот го посвети на уметноста“, рече актерката Арна Шијак на денешната комеморација за  актерот Кирил Поп Христов-Кили во Македонскиот народен театар (МНТ). Кили почина на 11 март на 58 години во Еквадор.

    Колегите и пријателите на комеморацијата со многу љубов, емоции и сеќавања зборуваа за пријателствата со него.

    Човек полн љубов. ​Е, таков човек не може да не остави една голема празнина зад себе, рекоа колегите. (Фото: К. Попов)

    „Живееше и твореше со театарот, филмот, телевизијата, музиката. Беше онаа ѕвезда која го исполнува секојдневието со својот карактеристичен излив на емоции, бунтовност во сето свое битие и маестрално подготвени улоги. Човек со огромна експлозија на енергија која ни ја пренесуваше нам, колегите, и тука на сцената и во публиката. ​Беше фраер којшто имаше харизма до небото. Беше човек кој кога ќе седнеше на пијаното, се претвораше во музичар од светските сцени на кои е достоен. Некој препознатлив стил. Човек кој трагаше по слободен простор без застанување. Човек полн љубов. ​Е, таков човек не може да не остави една голема празнина зад себе“, рече Шијак.

    Глумицата Даница Георгиевска сподели голем број анегдоти од студентските денови на Факултетот за драмски уметности (ФДУ), од патувањата.

    „Можам да кажам дека Кили беше посебен. Не само посебен, туку меѓу посебните беше тој најпосебен. Со неговиот мултиталент, неговите способности на сцената, во музиката, во уметноста општо. Покрај неговите изиграни улоги, одлични улоги изиграни, тој знаеше да го чува и да го следи својот животен лик, ликот на Кили. Тој гордо и храбро го чуваше и го играше до крај ликот на Кили”, рече таа.

    Ранко Петровиќ, сопственикот на радио „Бубамара“, рече дека Кили му бил духовно братче.

    Георгиевска кажа дека да се биде во класа со Кили, со Владимир Ендровски-Љац, Тања Кочовска, Владо Лазовски, Рефет Абази, Валентина Божиновска, било исклучителна класа, ретка класа, каде што секој бил различен, секој талентиран, секој имал да даде многу.

    „Но, Кили и Љац, што можеа да направат во самата класа, тоа беше… Тоа беше уживање. Тоа беа настани коишто можеа само нам да ни се случат во класата“, кажа Георгиевска.

    Ранко Петровиќ, сопственикот на радио „Бубамара“, рече дека Кили му бил духовно братче.

    „Од почетокот, кога бев многу помлад, за нас во Скопје беше голем мангуп и беше генерација со сестра ми во ‘Орце Николов’. Ги слушав сите некои случки, анегдоти што се случуваа во градот и во училиштето и на некој начин беше недостапен, или да не кажам, преголем мангуп за нас помладиве во Скопје, но интересен лик во секој случај. ​На едно мое доаѓање во МНТ, во театарот забележав дека во бифето веднаш кога влезе сите очи беа вперени кон него и зрачеше со некоја посебна енергија што ја знаеше само тој, што ја имаше само тој, што ја поседуваше. Беше многу забавен, интересен, спонтан, непосреден, духовит и ми се виде многу интересно. И така го поканив на една ‘Златна Бубамара’ која требаше да додели награда за Тоше Проески. ​Видов дека лесно се комуницира, многу убаво се работи со него и пробите беа многу забавни, интересни. На некој начин беше благослов. За жал, ние откако веќе имаше некои проблеми со здравјето, нели сите знаеме како излезе, неколку пати се испраќавме. Еднаш на аеродром, еднаш пред болница да кажеме… Сега, за жал, се испраќаме вистински. Тој е многу далеку, за жал, како и неколку наши големи уметници. А ние можеме да се сеќаваме на сите тие убави емисии што беа на радио ‘Бубамара’ и неговите убави најави“, рече Петровиќ.

    Поп Христов дипломирал во 1989 на Факултетот за драмски уметности во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на отсекот за актерска игра во класата на проф. Љубиша Георгиевски. Од 1993 до 2014 работи во МНТ, а во 2018 повторно се враќа на истата сцена, оставајќи значаен белег во институцијата како дел од актерскиот ансамбл.

    Во текот на богата театарска кариера оствари бројни улоги во претстави на сцената на МНТ, меѓу кои и Дон Хусман во „Свадбата на Фигаро“ (2011), Антинор во „Троил и Кресида“ (2010), Пејач во „Мара/Сад“ (2008), Мик во „Домар“ (2004), Крсто во „Ослободување на Скопје“ (2002), Џиги во „Павилјони“ (1999), Џокер Мори Шербијак во „Бетмен – враќањето на црниот витез“ (1999), Осман бег во „МКС“ (1995), Микољка во „Злосторство и казна“ (1994), Стево во „Бунт во домот за старци“ (1994), Срета во „Народен пратеник“ (1993), Јохансон во „Соната на сеништата“ (1992), Александар Македонски во „Крик“ (1991), Ѓурко во „Зора на истокот“ (1991), Принцот Едвард во „Ричард Трети“ (1990), Петар во „Гнев Божји“ (1990), Илија во „Антица“ (1988), Еди во „Луди за љубов“ (1988), Мишка во „Ревизор“ (1987), Пијанистот во „Баал“ (1987), како и улогите во „Ревизор“ (2006), „Буре барут“ (1994) и „Рави“ (1989).

    Покрај улогите на театарската сцена, Поп Христов оствари значајна кариера и на филм и телевизија, меѓу кои и улогите во филмовите „Еј“ (2018), „Скопје ремиксд“ (2012), „Панкот не е мртов“ (2011), „Самитот на шаманите“ (2006), „Бал-кан-кан“ (2005), „Збогум на дваесетиот век“ (1998), „Преку езерото“ (1997), „Нечиста крв“ (1996), „Македонска сага“ (1993), „Тетовирање“ (1991), како и телевизиските филмови „Марика лета со авион“ (1988) и „Пикасо“ (1987). Учествуваше и во повеќе телевизиски серии, меѓу кои и „Досие Скопје“ (2000), „Во светот на бајките – Трите светски камења“ (1995), „Македонски приказни – Христос и комарџијата“ (1992), „Трст виа Скопје“ (1990) и „Бумбари“ (1989). Покрај актерската работа, Кирил Поп Христов беше и композитор на филмот „Судијата“ (2002) што го режираше ликовната уметница Жанета Вангели.

    ​Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира