КИНОТЕКАТА ВЕЛИ МАНЧЕВСКИ ИМА КОПИИ ОД ФИЛМОВИТЕ, САМ ДА ГИ ПРАЌА ВО ШАНГАЈ

    КИНОТЕКАТА ВЕЛИ МАНЧЕВСКИ ИМА КОПИИ ОД ФИЛМОВИТЕ, САМ ДА ГИ ПРАЌА ВО ШАНГАЈВо Шангај Манчевски ќе има прво сеопфатно претставување на македонски уметник во Азија воопшто

    Кинотеката на Македонија вели секогаш кога било побарано од неа, таа ги испраќала филмовите на Милчо Манчевски на фестивалите ширум светот, откако режисерот вчера обвини дека институцијата одбива да ги прати ДЦП копиите во Шангај за неговата ретроспектива. Во опширното соопштение, од Кинотеката велат дека Манчевски има копии и може и самиот да ги испраќа.

    Ова е прво сеопфатно претставување на македонски уметник во Азија воопшто, и тоа на покана на домаќините неповрзана со македонското Министерство за култура. Еден од најголемите фестивали во Азија, Филмскиот фестивал во Шангај организира циклус проекции на филмовите на Манчевски на јубилејното 20. издание.  Ќе бидат прикажани македонските филмови на Манчевски кои се европски копродукции, но и неговите американски и кубански филмови.

    „По завршувањето на целокупниот проект за дигитализација на неговите играни филмови, г-динот Милчо Манчевски инсистираше Кинотеката на Македонија да му достави копии од неговите филмови, како би можел тој самиот да ги испраќа филмовите таму каде што тој сака и каде што тој мисли дека треба да се прикажуваат. Во месец март 2017 година, добивме барање за ’асистенција во врска со прикажување на филмовите ’Пред дождот’, ’Прашина’ и ’Мајки’ на меѓународниот фестивал во Шангај’, од г-ѓата Татјана Ќурчинска Пепељугоска, при што Кинотеката беше замолена ’да излезе во пресрет во врска со испраќање на филмовите’. Во неколкуте преписки со г-ѓата Ќурчинска Пепељугоска, како и со режисерот Манчевски, а и во неколкуте лични телефонски контакти, беше взаемно констатирано дека Кинотеката достави DCP копии до режисерот Манчевски, токму од тие причини, тие, дали Манчевски или Ќурчинска Пепељугоска да ги испраќаат филмовите каде треба. Уште повеќе, Кинотеката, во оваа комуникација понуди и помош доколку тие имаат некакви технички, или други проблеми, да им излезе во пресрет. Бидејќи, од нивна страна не беше посочен било каков проблем, ниту побараа било каква помош, остана на тоа дека тие имаат копии од филмовите и тие ќе ги испратат. Во 2015 година, до предавањето на копиите на г-динот Манчевски, Кинотеката во неколку наврати ги испраќаше неговите филмови. Се до последното барање за Шангај, односно речиси година и половина, до Кинотеката нема доставено барање за прикажување на дигиталните копии на неговите филмови. Зошто во овој период нема барање до Кинотеката, тоа може да одговори само режисерот Манчевски. Уште повеќе, Кинотеката, на сопствена иницијатива, во меѓувреме прикажувала некои од неговите филмови, се разбира, со претходна дозвола од режисерот Манчевски“, се вели во соопштението од Кинотеката.

    Режисерот Манчевски во пишаното соопштение до медиумите испратено вчера од „Банана филм“ изјави: „Ни најмалку не ме изненадува што Кинотеката не сака да ги прати моите филмови за ретроспективата на Фестивалот во Шангај. Не им е прв пат, иако јас им дадов дозвола да направат копии од моите филмови, па дури и ургирав кај странските партнери да дадат дозвола и да платат за старите филмски копии. Директорот на Кинотеката вели дека не сака да биде мој шпедитер, небаре Кинотеката нема обврска да го поддржува промовирањето на македонската култура. Веќе се навикнав на ваквиот однос од македонскиот културен естаблишмент“.

    Кинотеката на Македонија во одговорот вели дека  имала „значајна улога во претставувањето на нашиот амбасадор на културата во светот, и затоа мислиме дека не заслужуваме да бидеме наречени ’шпедитери’, особено што директорот на Кинотеката никoгaш на г-динот Милчо Манчевски не му рекол дека ’Кинотеката не сака да биде негов шпедитер’.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира