КНИГАТА НЀ ФОРМИРА МЕНТАЛНО И ЕМОЦИОНАЛНО, ВЕЛИ НЕВРОПСИХИЈАТАРОТ ЧЕПРЕГАНОВ ВО ПОРАКАТА ЗА СВЕТСКИОТ ДЕН НА КНИГАТА

    КНИГАТА НЀ ФОРМИРА МЕНТАЛНО И ЕМОЦИОНАЛНО, ВЕЛИ НЕВРОПСИХИЈАТАРОТ ЧЕПРЕГАНОВ ВО ПОРАКАТА ЗА СВЕТСКИОТ ДЕН НА КНИГАТАОд ланскиот 31. Саем на книга во А1 Арената „Борис Трајковски“. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Книгата и богатиот резервоар на знаења ја оформуваат, осознаваат и инкорпорираат менталната и емоционалната интелектуална зрелост на нашата личност, вели реномираниот невропсихијатар проф. д-р Методи Чепреганов, кој е автор на македонската порака по повод 23 Април, Светскиот ден на книгата и на авторското право – УНЕСКО.

    Професорот Чепреганов, кој повеќе од шеесет години се занимава со проблемите на созревањето на психичкиот профил на личноста, со менталниот склоп на еден народ и на цивилизациската свест, во пораката вели дека книгата ни го евоцира минатото и таа меморија нѐ насочува со поуки.

    „Книгата ни ја проектира и осмислува иднината, како реална надеж, која со ум, знаење и работа, треба да ја оствариме и обистиниме и конечно книгата нѐ учи и нѐ држи под контрола како да го живееме мигот. Најголемото слепило за една личност е ако книгата не му е пријател и секојдневен сопатник. Таа го храни, го оживува, му ја покажува насоката на неговото постоење, ги орнаментира и збогатува неговите мемориски квалитети и конечно му го осмислува и покажува начинот и насоката на неговата креација, живот, однос со околината, знаење, почит, духовност и постоење. Книгата е изворот, фундаментот и светлината во животната филозофија на нашата секојдневна егзистенција. Дружете се со неа и почитувајте ја како секојдневна насушна храна, којашто ќе ви го збогати умот и животот“, вели невропсихијаторот.

    УНЕСКО го прогласи 23 Април за Светски ден на книгата во 1995, а во годинашната порака се осврнува на потребата од читање и книги во овој период на изолација поради пандемијата на коронавирусот.

    „Денес, повеќе од кога и да било, во време кога училиштата се затворени ширум светот и кога луѓето се во изолација, моќта на книгите треба да овозможи да се бориме против осаменоста, да ги засили врските меѓу луѓето и да ги прошири нашите видици, притоа стимулирајќи го нашиот дух и нашата креативност.
    Во текот на месецот април, како впрочем и низ целата година, многу е важно да се најде време за читање, самиот за себе или со децата. Ова е вистински миг да се истакнува читањето, да ги воспитуваме децата како идни читатели, да им ја пренесеме љубовта кон литературата, која ќе трае целиот нивни живот“, се вели меѓудругото во пораката на УНЕСКО.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира