КОЛКУ ШТО КУЛТУРАТА НИ ТРЕБА ВО МИРНИ ВРЕМИЊА, УШТЕ ПОНЕОПХОДНА Е ВО ВРЕМЕ НА КРИЗА – ПЕНДАРОВСКИ ГО ОТВОРИ ОХРИДСКО ЛЕТО

    КОЛКУ ШТО КУЛТУРАТА НИ ТРЕБА ВО МИРНИ ВРЕМИЊА, УШТЕ ПОНЕОПХОДНА Е ВО ВРЕМЕ НА КРИЗА – ПЕНДАРОВСКИ ГО ОТВОРИ ОХРИДСКО ЛЕТОФестивалот отвори со познати арии во чест на една од основоложниците на фестивалот Ана Липша Тофовиќ, во изведба на уметниците Марија Јелиќ, Дарио Ди Виетри, Иван Томашев и Аманда Стојовиќ, во пијано придружба на Миливое Велиќ. (Фото: МИА)

    Колку што културата ни е потребна во мирни времиња, уште повеќе ни е неопходна во време на криза, рече претседателот на државата Стево Пендаровски, на отворањето на јубилејното 60. издание на фестивалот Охридско лето. Фестивалот се одржува под строг протокол за заштита од ширење на ковид-19, и затоа на Антички театар има околу 400 гости. Годинава се промени и терминот на одржување, па наместо од 12 јули до 20 август, трае од 4 до 30 август.

    Пендаровски, кој е покровител на фестивалот, рече дека организирањето на Охридско лето во услови на ковид-19 не е воопшто лесно, но е апсолутно неопходно, „зашто веќе 60 години манифестацијате е модел за врвни естетски достигнувања на меѓународно ниво“.

    „Во исто време, ова е фестивал на креативни поединци кои се исправаат наспроти деструктивните тенденции. Се разбира дека од ваквите потфати на уметнички здружувања и политиката може да учи за тоа како се создаваат слободни, отворени, еманципирачки, динамични јадра што ја потврдуваат убавината на различностите. Нужно е да ги задржиме нивото и квалитетот што со себе ги носи фестивалот“, рече Пендаровски.

    Министерот за култура во заминување Хусни Исмаили рече дека Охридско лето не се мери веќе со годините на неговите изданија, но се мери со уметничките успеси што ги носи секоја година.

    Истакнатата музичарка и професорка Снежана Анастасова-Чадиковска во име на учесниците на Фестивалот ја пренесе уметничката порака и рече дека во шест децении се формирало братство кое веќе брои преку педесет илјади музичари, актери, балетски играчи.

    „Велам братство, вистинско братство, зошто убедена сум дека нема уметник кој ја доживеал онаа толку специфична озвучена светлост под сводовите на ‘Света Софија”, оној благороден спокој и воедно вековна разиграност на бројните охридски сцени. Нема уметник, независно од која страна на светот доаѓал, на која раса или вера и припаѓал, нема уметник кој не се почувствувал и самиот дел од ѕвездената суштина на градот Охрид и фестивалот Охридско лето“, рече Анастасова-Чадиковска.

    Фестивалот отвори со познати арии во чест на една од основоложниците на фестивалот Ана Липша Тофовиќ, во изведба на уметниците Марија Јелиќ, Дарио Ди Виетри, Иван Томашев и Аманда Стојовиќ, во пијано придружба на Миливое Велиќ.

    До 30 август на отворените сцени на Античкиот театар, Долни Сарај, предворјето на „Св. Софија“, како и во „Св.Софија“ ќе настапат околу 300 уметници од 19 земји, како и голем број македонски уметници.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари