Фондот 580 на браќата Манаки зачуван во Одделението на Државниот архив во Битола комплетно ќе се дигитализира во рамки на програма на Британската библиотека од Лондон, финансирана од фондацијата Аркадиа. Грантот во износ од 46.300 фунти во траење од 24 месеци ќе овозможи дигитализација на 20.000 фајлови, а приоритет ќе се даде на фотографиите и негативите, но ќе се опфати и документацијата која е сместена во шест архивски кутии. Тоа ќе значи дигитализација на околу 7.000 стаклени плочи (негативи), околу 3.000 рол и план филмови и на околу 10.000 оригинални фотографии.
Ова огромно македонско културно богатство и наследство ќе биде поставено на платформата на Британската библиотека во програмата за загрозени архиви (Endangered Archive Program), со што ќе стане лесно достапно за истражувачите од цел свет и ќе донесе уште поголема негова популаризација.
„Фондот 580 Браќа Манаки е откупен во 1965 година од тогашниот Околиски архив и повеќе од пет децении е најистражуваниот и најексплотираниот фонд во нашето Одделение и не залудно велиме дека можеби е и најбараниот архивски фонд на Балканот. Ретко кој може да се пофали дека има толку многу богат фотографски материјал, па доаѓаме до мотивот да го заштитиме нивното целокупно творештво“, вели Гоце Стојановски, раководител на Одделението на Државниот архив во Битола.
Тој појаснува дека процесот на дигитализација е неопходен зашто ќе создаде услови за минимална или никаква манипулација со оргиналите со што ќе се заштитат на долг рок. Вториот аспект е што дигитализираниот материјал ќе овозможи побрз проток на информации кај истражувачите, а уште повеќе ќе се популаризира творештво на Манакиеви на глобално ниво.
„Дигитализација на овај материјал ќе ни овозможи и докрај да го истражиме фондот затоа што еве на пример, рол и план филмовите никогаш не биле предмет на интерес нити пак сме имале технички можности да ги погледнеме. Навистина, со нетрпение очекуваме да ги отпакуваме после повеќе од пет децении чување. За историчар или архивски работник нема поголем предизвик од отворање на нов материјал, а кога ќе додадеме дека тоа не е било кој материјал туку е онај на браќата Манаки, тогаш ќе речам дека сонот стана реалност“, вели Стојановски.
Во проектната документација предвидена е и потребата од соодветна техничка опрема: професионални скенери, фотоапарати, комјутери и слично како и соодветно обучен тим за ваква операција. Предвидени се обуки за тимот вработени во битолскиот архив кои покрај редовните работни задачи ќе имаат дополнителен ангажман за самиот проект, со што ќе бидат подготвени за наредни предизвици за дигитализација на друг архивски материјал. Предвидено е и истражувачко патување во Пловдив заради истражување на пловдивски период од творештвото на Јанаки.
„Многу значајна ќе ни биде и метадатата каде ќе ги уфрлиме сите податоци за фотографиите па ќе може насекаде низ светот брзо и лесно да се прабарува. Целокупниот процес на дигитализација ќе се одвива во Одделение Битола и го почнуваме во септември оваа година“, велат од Архивот.
Договорот за грант веќе е потпишан од директорот на Државниот архив д-р Емил Крстески, за кого битолските колеги велат дека им дал безрезервна подршка и се заложил за модернизација и дигитализација на архивското работење. Менаџер на проектот е Гоце Стојановски, работата ќе ја координираат Марија Дурлова и Димитар Ѓорѓиевски, а вклучени се уште седум други лица вработени во Архивот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА