КОНТРОЛА НА ТЕМИ ВО КУЛТУРАТА СЕ КОСИ СО УСТАВОТ, ВЕЛИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ФИЛМАЏИИТЕ ИГОР ИВАНОВ-ИЗИ, ПО НАЈАВИТЕ НА МИНИСТЕРОТ АДЕМИ ЗА ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ

    КОНТРОЛА НА ТЕМИ ВО КУЛТУРАТА СЕ КОСИ СО УСТАВОТ, ВЕЛИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ФИЛМАЏИИТЕ ИГОР ИВАНОВ-ИЗИ, ПО НАЈАВИТЕ НА МИНИСТЕРОТ АДЕМИ ЗА ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИДиректорот на Агенцијата Горјан Тозија и претседателот на ДФРМ Игор Иванов во јуни годинава потпишаа Меморандум за соработка со кој, како што рекоа, ќе ги зајакнуваат заложбите за подобрување на условите за работа, квантитетот и уметничките дострели на македонското филмско производство (Фото: Aгенција за филм)

    Претседателот на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ), режисерот Игор Иванов – Изи, вели дека контрола на идеите и темите, или пак табу теми во уметноста не постојат и дека такво нешто се коси со Уставот, откако министерот за култура Асаф Адеми најави дека со новиот Закон за култура ќе има контрола врз темите, идејите и пораките што ги праќаат овие творби/филмови кои се финансираат со јавни пари.

    Министерот Адеми и директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија на прес-конференцијата на 3 септември најавија ново законско решение, што следи како реакција по филмот „Ругање со Христос“ на Јани Бојаџи. Адеми и Тозија рекоа дека не го гледале филмот туку само трејлерот, но сепак го оценија како скандалозен, без уметничка вредност и ги навредува чувствата на Албанците оти војниците на ОНА се претставени како насилници силувачи.

    „Со новиот закон за култура ова прашање е регулирано поинаку и отсега натаму нема да има никаква можност некој со јавни пари да реализира проекти кои се косат со јавниот интерес на граѓаните“, рече Адеми.

    НЕ СУМ ГО ГЛЕДАЛ „РУГАЊЕ СО ХРИСТОС“, МИНИСТЕРОТ АДЕМИ МИ ИСПРАТИ ТРЕЈЛЕР И УВИДОВ ДЕКА Е ПАРТИСКА ПРОПАГАНДА И ЗАЗЕМА СТРАНА, ВЕЛИ ТОЗИЈА ЗА ФИЛМОТ НА БОЈАЏИ ШТО ГО ОСУДИЈА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА И АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ПОВИКУВА НА НАСИЛСТВО И ТЕРОР ВРЗ МЕНЕ, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ НА „РУГАЊЕ СО ХРИСТОС“ ЈАНИ БОЈАЏИ

    ИАКО НЕ ГО ГЛЕДАЛ, МИНИСТЕРОТ АДЕМИ СМЕТА ДЕКА ФИЛМОТ „РУГАЊЕ СО ХРИСТОС“ Е НАВРЕДЛИВ ЗА АЛБАНЦИТЕ

    „РУГАЊЕ СО ХРИСТОС“ НА БОЈАЏИ ДОБИ НАГРАДА ЗА ИНОВАТИВНОСТ ВО МОНТРЕАЛ

    „Контрола на идеите и темите не може да биде дел од закон, бидејќи се коси не само со нашите уставни одредби, но и со основните постулати на современиот свет во кој тежнееме да припаѓаме“, изјави Иванов за САКАМДАКАЖАМ. МК.

    На заедничката прес-конференција со Адеми, Тозија инсистираше дека не станува збор за цензура, ниту стоп на авторството на филмаџиите, туку дека едноставно мора да се почитуваат некои етички кодекси.

    „Во ниту еден момент не е спорно тоа дали филмските автори треба да имаат задршка кога станува збор за нивната креација, но мора да се води сметка за етичкиот аспект на пораката и да се биде во чекор со времето“, рече Тозија.

    „Нема ништо спорно во тоа институциите задолжени за финансирање на филмски проекти да имаат увид во финалниот производ пред неговата експлоатација. Пред сѐ, за да се утврди дали она што е опишано во креативната документација е исполнето и дали продукциската вредност на проектот ги оправдува средствата кои се вложени. Но, исто така, ваквиот увид понекогаш може да утврди и отклонување од базичната идеја и приказна, или исчекор, односно измени на сценариото во некој неочекуван правец, далеку од текстот за кој соодветните комисии се произнеле позитивно и проектот добил финансиска поддршка. Она што во конкретниов случај загрижува е соопштението на Министерството за култура и најавите за контрола на идеите и темите на филмовите кои ќе бидат поддржувани. Сакам да верувам дека станува збор за лошо интерпретиран став или пак дека соопштението е избрзано и емотивно мотивирано“, вели Иванов.

    Се разбира, продолжува тој, ова не значи дека секој има право да прикажува што сака. Иванов потенцира дека уметноста не може да биде параван за ширење омраза, подгревање на меѓуетнички или меѓуконфесионални конфликти, злоупотреба на деца и слично, но сето ова е веќе опишано и опфатено во постоечката легислатива.

    „На Македонија, пред сѐ нам филмаџиите, ни е неопходен нов Закон за филм, во правец на подобрување на условите за производство и квалитетот на нашите филмови. ДФРМ заедно со Агенцијата за филм и Министерството за култура веќе работи на предлог измени на постоечкиот закон, како вовед во изготвување на целосно нов, далеку подобар Закон за филм. Се разбира, во овој процес нема место за ограничување или пак оспорување на темите, идеите и авторскиот поглед на актуелната стварност“, вели претседателот на ДФРМ.

    Иванов е режисер на краткиот филм „Бубачки“, долгометражните „Превртено“ и „Соба со пијано“, на епизоди од ТВ-сериите „Инсајдер“, „Преспав“, „Наше Маало“, „Пет плус“, една епизода од српската „Сенки над Балканот“, како и на документарците „Кавал“ и „Гајда“.

    Премиерот Зоран Заев одговарајќи вчера на новинарско прашање во Владата, за осудите на филмот „Ругање со Христос“ од владините институции, изјави дека побарал од министерот за култура и директорот на Агенцијата за филм да ги спречат ваквите активности во кои се промовира говор на омраза.

    „Не можеме да го вратиме времето назад, но му дадов задача на министерот за култура да разговара со директорот на Агенцијата за филм да ги спречат и да најдат законски начин за сите активности на промоција на вакви дела“, кажа Заев, додавајќи оти тоа што е финансирано од Агенцијата за филм во 2015 година е апсолутно со политичка заднина и ги осуди сите пораки што шират говор на омраза.

    Режисерот Бојаџи претходно за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека Министерството за култура повикува на насилство и терор врз него како уметник и насилство и терор врз неговиот филм како уметност и осудата ја нарече „вовед во фашизам во Македонија“.

    Според режисерот Бојаџи, во неговото долгометражно режисерско деби се испреплетуваат четири приказни, работен е според вистински настани од блиската историја, едната е битката на Радуша и киднапирањето и малтретирањето на мавровските работници за време на воениот конфликт 2001, како и убиството на младиот Ванчо Каранфилов во Тетово, кој беше застрелан додека играше кошарка.

    „Ругање со Христос“ е македонско-грчко-француска копродукција, а светската премиера беше на 30 август во Монтреал, а вчера Фестивалот објави дека филмот доби награда за иновативност. Филмот уште не е прикажан во Македонија, ниту на фестивал ниту во кино-дистрибуција и засега нема најави за тоа.

    Филмот на Бојаџи беше поддржан од Агенцијата за филм на конкурсот во 2015 со 18.000.000 денари (над 290.000 евра), под работен наслов „Здивот на Ангелот“ во продукција на неговата куќа „Орион продакшн“. Бојаџи е продуцент, режисер, сценарист, монтажер и продукциски дизајнер на овој филм. Филмот е македонско-грчко-француска копродукција.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари