Јубилејниот концерт на примадоната Весна Ѓиноска-Илкова, кој требаше да се одржи на 18 март во Филхармонијата е одложен, согласно одредбите и насоките на Министерството за здравство, објави „Баги комуникации“. Концертот за одбележување на 25 години кариера на оперската певица од Националната опера и балет (НОБ) ќе се одржи во друг термин, по одлуката на Владата да се затворат сите образовни институции и да не се одржуваат масовни собири во наредните 14 дена, како превентивни мерки во заштитата од коронавирусот.
„Ќе ги следиме насоките на здравствените институции и дополнително ќе ве известиме за нов термин на концертот. Известуваме дека сите што до сега купиле билети за концертот можат да ги вратат во Купи карти за сѐ или да ги задржат и истите да важат за новиот датум“, велат од „Баги комуникации“.
На концертот на оперската дива беа најавени гостите: Влатко Стефановски, Бисера Чадловска, Љупчо Мирковски, Ивана Здравкова, Никола Стојчевски, Бобан Мирковски и Жарко Димоски.
Државните театри, НОБ, Кинотеката, Филхармонијата, Младинскиот културен центар (МКЦ) и киното Милениум ги откажаа своите програми и репертоари.
Б. НЕСТОРОСКА