КОРЕЈСКИОТ „ПАРАЗИТ“ ЈА ПОБЕДИ „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ЗА НАЈДОБАР СТРАНСКИ ФИЛМ НА ОСКАРИТЕ

    КОРЕЈСКИОТ „ПАРАЗИТ“ ЈА ПОБЕДИ „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ЗА НАЈДОБАР СТРАНСКИ ФИЛМ НА ОСКАРИТЕБонг Јон-хо го освои и главниот Оскар за најдобар филм, како и за најдобра режија и за најдобро сценарио. (Фото: принтскрин од видео)

    Јужнокорејскиот „Паразит“ на Бонг Јон-хо го победи македонскиот „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов и доби Оскар за најдобар странски филм.  Претходно вечерва Оскарот на „Медена земја“ за најдобар документарен филм ѝ го зеде „Американска фабрика“, на Стивен Богнар и Џулија Рајнхарт. Бонг Јон-хо го освои и главниот Оскар за најдобар филм, како и за најдобра режија и за најдобро сценарио.

    „Медена земја“ веќе ја испиша историјата на Оскарите со тоа што е првиот филм воопшто што беше номиниран и во категоријата за најдобар документарец и за најдобар странски филм. Со тоа веќе оствари и историски успех на современата македонска кинематографија.

    „Пред сѐ, сакаме да се заблагодариме на сите што нѐ бодреа и веруваа во нас. Сепак, и покрај тоа што ‘Медена земја’ не доби Оскар, сосема сме свесни за големината на овој филм, за значењето на пораката што ја пренесува, за силата на бескрајните приказни што се кријат во оваа земја и за многуте наши талентирани уметници кои знаат како тие приказни да ѝ ги покажат на публиката. Почестени сме што бевме номинирани покрај овие одлични филмаџии со смели приказни кои им се обраќаат на луѓето од целиот свет, на универзалниот јазик на кинематографијата. Не можеше да се предвиди дека нашиот филм ќе влезе во историјата на Македонија и во историјата на номинациите за Оскар. ‘Медена земја’ истовремено беше номиниран во две категории, за најдобар документарен и за најдобар интернационален филм, затоа што универзалноста на приказната и јазикот на филмот ја даваат неговата компетентност и сила да се натпреварува со останатите номинирани. Кога го промовиравме филмот на фестивалот Санденс, пред повеќе од една година, не се ни надевавме дека ќе стигнеме толку далеку. Им се заблагодаруваме на сите што веруваа во нашиот мал филм и нè поддржуваа, а особено му се заблагодаруваме на дистрибутерот ‘Неон’ за вербата во моќта на кинематографијата и во смелото раскажување приказни. На крај, би сакале да ѝ се заблагодариме на нашата водечка ѕвезда, Атиџе Муртова што ни дозволи да влеземе во нејзиниот прекрасен свет. Филозофијата на Атиџе ‒ земи половина, остави половина ‒ е едноставна, но длабока. Тоа е порака во којашто може да се пронајде секоја публика. Горди сме што сме гласниците на таа порака“, рече екипата на „Медена земја“ вечерва додека траее доделувањето на Оскарите.

    И главната протагонистка на документарецот Атиџе Муртова од Лос Анџелес рече: „Мојот живот по снимањето на филмот драстично се промени. Сега имам нова куќа, и сѐ станува подобро и подобро. Сакам публиката да извлече само една порака од филмот: како што јас споделувам со своите пчели, така сакам и сите луѓе да споделуваат едни со други“.

    „Медена земја“ за најдобар странски филм беше во конкуренција со  „Корпус Кристи“ од Полска, „Клетници“ од Франција, „Болка и слава“ од Шпанија и „Паразит“ од Јужна Кореја.

    Продуцентот Атанас Георгиев, режисерите Љубо Стефанов и Тамара Котевска, хероината на „Медена земја“ Атиџе Муратова и кинематограферите Самир Љума и Фејми Даут на црвениот килим на Оскарите. (Фото: Фејсбук)

    Претходно Оскарот отиде кај „Американска фабрика“ на Стивен Богнар и Џулија Рајнхард, кој синоќа ја доби и наградата Независен дух за најдобар документарец, која важи за предвесник на Оскарите. Тоа е  првиот филм во продукција на новата куќа на Барак и Мишел Обама „Хајер граунд“, а е за пропаднатата фабрика на Џенерал моторс во Дејтон, Охајо, која ќе ја купи кинески милијардер и ќе ги поништи работничките и други права на вработените.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари