Косара Митиќ и Марјан Гавриловски ќе дебитираат со долгометражни играни филмови откако добија поддршка од Агенцијата за филм на првиот конкурс за 2021. Митиќ доби 23 милиони денари (околу 345.000 евра) за проектот „19“ во продукција на „Црна мачка продукција“, а Гавриловски за „Мравките владеат со светот“ во продукција на „Тајм лапс“ доби 15 милиони денари (околу 244.000 евра). Вон двајцата дебитанти, на овој конкурс не е поддржан ниеден друг долгометражен игран филм со македонски мнозински удел.
Поддржани се и два долгометражни документарци, на Мерита Сали и Никола Калајџиски, како и 11 краткометражни играни филмови од кои 6 играни, 3 документарни и 2 анимирани.
Со вкупно 11,5 милиони денари (околу 187.000 евра) поддржани се 4 проекти во кои Македoнија е малцински копродуцент, на режисерите Дино Мустафиќ, Гојко Беркуљан, Плутон Власи и Арчинда Морина.
„На конкурсот за финансирање на проекти за производство на долгометражен, краткометражен, документарен и анимиран филм во прв рок на одлучување аплицираа вкупно 53 проекти, од кои 36 долгометражни (играни, документарни и анимирани) и 17 краткометражни играни, документарни и анимирани. Вкупниот буџет за поддршка на овие проекти изнесува 71.4 милиони денари (околу 1,1 милиони евра). Резултатите се од конкурсот објавен во март годинава (прв рок на одлучување), додека по донесена одлука од страна на Филмскиот совет, продолжен е крајниот датум за пријава по вториот Конкурс за финансирање на проекти за производство на долгометражен, краткометражен, документарен и анимиран филм до 31.08.2021 година“, соопшти Агенцијата за филм.