КОВИД ПАНДЕМИЈАТА ГО ЗАГРОЗУВА ОПСТАНОКОТ НА ФОЛКЛОРНИТЕ ГРУПИ И АНСАМБЛИ ВО ЗЕМЈАВА, ВЕЛИ ЕТНОЛОГОТ ВАЛЕНТИН СОКЛЕВСКИ

    КОВИД ПАНДЕМИЈАТА ГО ЗАГРОЗУВА ОПСТАНОКОТ НА ФОЛКЛОРНИТЕ ГРУПИ И АНСАМБЛИ ВО ЗЕМЈАВА, ВЕЛИ ЕТНОЛОГОТ ВАЛЕНТИН СОКЛЕВСКИКако мерка за подолг период Соклевски предлага дефинирање на стратегија за развој на фолклорната дејност во Македонија. (Фото: СДК.МК)

    Пандемијата на ковид-19 го доведе во прашање опстанокот на многу фолклорни групи и ансамбли во земјава. Тие се крајно загрозени, немале активности подолг период, салите се празни, соочени се со одлив на членство, недостиг на средства и немање на утврдени протоколи за работа во услови на пандемија. Ова се дел од резултатите до кои дојде етнологот Валентин Соклевски од Битола, долгогодишен програмски селектор на Фестивалот „Илинденски денови“ во рамки на научното истражување за проблемите и перспективите на фолклорните групи за време на пандемија. Опфатени беа 27 лица од различни фолклорни ансамбли во земјава кои ги има сто.

    „На прашањето дали пандемијата ја загрози дејноста сите рекоа. да,  ја загрози и тоа многу. Сите ансамбли се плашат од престанок на работа, а тоа ќе значи прекинување на континуитетот на живо пренесување на духовното културно наследство. Сите се свесни дека треба да се направи нешто за да се предвидат активности за друга таква ситуација во иднина. Дел од ансамблите сметаат дека нема да имаат можност за работа ако продолжи пандемијата на есен. Сметаат дека е време да се направи протокол за работа за фолклор. Дел ќе работат на отворено летово, а оние кои можат полесно да еволуираат ќе се обидат да работат онлајн“, рече Соклевски.

    Најголемиот дел од фолклорните групи и ансамблите сметаат дека многу тешко може да се врати кондицијата и подготвеноста од пред пандемијата. Одговориле дека може да се оди напред со многу труд и финансии и тоа за период од 1 до 3 години, доколку пандемијата сега заврши. Ако продолжи можеби долго време нема да биде како што беше. Главни проблеми им се финансиите, просториите за работа и немање протокол за фолклорни активности.

    „Во однос на финансиската состојба, за поголемиот број од проектите за кои добиле пари од Министерството за култура, а се однесувале за гостувања во странство, не ги реализирале и парите ги вратиле. Најголемиот број од групите кажаа дека немале помош од лоаклните самоуправи, од донатори, немале приход од членарина. Имало драстично намалувањее на приходите, а сметки морале да плаќаат, па се јавиле проблеми во финансиската состојба на здруженијата. Трошоците се зголемуваат, приходите се намалуваат и тоа води до финансиски колапс“, вели истражувачот.

    Соклевски предлага преземање на итни мерки и тоа, утврдување на финансиските потрерби на ансамблите кои им се најитни, одредување на сегменти каде може да им помогне заедницата, пропишување на мерки за заштита на носиите, дефинирање на протоколи за активности на ансамблите, стручна помош и едукација за развој на дејноста онлајн ако продолжат специфичните услов. Како мерка за подолг период тој предлага дефинирање на стратегија за развој на фолклорната дејност во Македонија.

    Истражувањето, прво на ваква тема во земјава, беше презентирано во рамки на фестивалот. На излагањето беше присутен и претседателот на Светската организација на фолклорни фестивали Филип Бусонн.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира