Краткиот филм „Налепница“ на Георги М. Унковски се квалификува за влез во трката за Оскар, откако вчера победи на фестивалот “Ин д палас” во Софија, Бугарија. Победникот на овој меѓународен фестивал за краток филм се квалификува за учество во трката за номинација за Оскар.
„Налепница“ во јануари имаше премиера на престижниот американски фестивал на независни филмови Санденс, а продуцентот „Синема футура“ објави дека за 9 месеци играл во фицијална конкуренција на 135 фестивали, освоил 20 награди и имал дистрибуција на „Топик“, „Канал + Шпанија“ и „ХБО Европа“.
„Во снимањето филмови најчесто се инспирирам од Македонија, од Скопје, градот кој има многу голем контраст во луѓето и во начинот на живеење, како и неверојатна бирократска машинерија. Така што, овој филм е микс на еден вид потрага по среќа и искупување, но е и еден вид социјален коментар на општеството. На крајот, филмот е за љубовта помеѓу татко и ќерка“, вели режисерот Унковски.
Филмот се снимал шест дена на повеќе локации низ Скопје. Главната улога ја игра Сашко Коцев, а во екипата се и Мони Дамевски, Џевдет Јашари, Љупчо Тодоровски-Упа, Соња Стамболџиоска, Димитрија Доксевски, Калина Димитриовска, Анастасија Аневска и Матеј Настевски. Кинематографер е Наум Доксевски, сценографијата е на Кирил Спасевски, костимите на Роза Трајческа, додека на маската и шминката на главниот лик работеле Снежана Ангеловска и Ирена Сенокозолиоска. Дизајнот на звук е на Сашко Потер Мицевски.
Георги М. Унковски е роден 1988, во Њујорк, тој е син на театарскиот режисер Слободан Унковски и психологот Лина Ќостарова-Унковска. Студирал фотографија на Институтот за технологоија во Рочестер, САД, а магистрирал режија на Универзитетот ФАМУ во Прага, Чешка.