КРАТКИОТ ФИЛМ ОД СТАРИ СНИМКИ ЗА ЉУБОВТА НА СКОПЈАНИ ВЕЧЕРВА ПРЕМИЕРНО ВО КИНОТЕКАТА

    КРАТКИОТ ФИЛМ ОД СТАРИ СНИМКИ ЗА ЉУБОВТА НА СКОПЈАНИ ВЕЧЕРВА ПРЕМИЕРНО ВО КИНОТЕКАТА„Во овој трет дел акцентот е на љубовта. Таа ги спојува сите генерации и ги поврзува минатото и сегашноста“, вели авторката на серијалот. (Фото: „Вардар филм“)

    Третиот дел од серијалот филмови „Тајните архиви на Скопје“ за Скопје и скопјани на авторката Катерина Габунија, насловен „ Човек – Лав стори“ ќе се прикаже вечерва во 20 часот во Кинотеката. Носител на проектот е Филмскиот центар „Вардар филм“, реализиран во соработка со Кинотеката.

    Проектот „Тајните архиви на Скопје“ е инициран, режиран и координиран од Габунија, а монтажата и дигитализацијата се на Александар Трајковски. Третиот дел претставува колаж од дигитализирани 8-милиметарски филмски ленти, чии протагонисти се граѓаните на Скопје.

    „Во овој трет дел акцентот е на љубовта. Таа ги спојува сите генерации и ги поврзува минатото и сегашноста. Љубовта е најсилната емоција која секогаш ја освојува публиката пред филмското платно. Слатка, возбудлива и горка сме ја искусиле сите и најлесно ни е да се соживееме и да ја разбереме таа емоција. Нефилмуваната љубов на скопјани е послатка и пореална од совршената“, вели Габунија.

    Проектот е реализиран,  исто како и претходните, прво со јавен повик до граѓаните за собирање на осум и суперосуммилиметарски ленти.

    Понатаму, вели таа, продолживме со дигитализација и дигитална обработка на лентите, и на крај кон монтажа на слика и звук.

    „На овој начин преку архивирање и дигитализација на стари филмски ленти од домашната архива на скопјани се открива скриеното богатство за животот во градот, но и се зачувуваат драгоцени документи, кои доколку не бидат дигитализирани ќе исчезнат или ќе бидат дегенерирани и неупотребливи“, вели Габунија.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира