КРСТИЛНИЦАТА ВО БАЗИЛИКАТА ВО СТОБИ ГО ДОБИВА ОРИГИНАЛНИОТ ИЗГЛЕД ОД 6 ВЕК

    КРСТИЛНИЦАТА ВО БАЗИЛИКАТА ВО СТОБИ ГО ДОБИВА ОРИГИНАЛНИОТ ИЗГЛЕД ОД 6 ВЕКПроектот за заштита на крстилницата е финансиран со грант од Амбасадорскиот фонд на САД за заштита на културното наследство во Македонија.Епископската базилика е најзначајниот христијански објект во Стоби (Фото: НУ Стоби)

    До крајот на септември ќе завршат сите конзерваторско – реставраторски активности на крстилницата од Епископската базилика во Стоби и таа повторно ќе го добие оригиналниот изглед од 6 век.

    Проектот за заштита на крстилницата е финансиран со грант од Амбасадорскиот фонд на САД за заштита на културното наследство во Македонија. Грантот беше доделен во 2016 година, а реализацијата на конзерваторско – реставраторските работи на камената пластика и на мозаиците од крстилницата започна во февруари 2017 година и во континуитет се работеше до крајот на годината.

    Според в.д директорот на Националната установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби, Мишко Тутковски, активностите продолжија во април годинава кога започнале со финализирање на сите конзерваторски постапки на мозаикот од крстилницата, како што се инјектирање и фугирање на мозаикот, по што по механички и по хемиски пат, детално била исчистена мозаичката површина.

    Мозаичката површина била чистена механички и по хемиски пат (Фото: НУ Стоби )

    Паралелно се одвиваа и финалните конзерваторско – реставраторски работи на мермерните елементи од крстилницата а воедно беше извршена и пробна анастилоза на сите елементи пред да се вратат во оригиналната местоположба во самата крстилница. 

    Оваа недела започнавме и со консолидација, односно зацврстување на структурата на мозаичките тесери , а веќе од следната недела ќе започнеме со враќање и поставување на мермерните елементи во нивната оригинанлна местоположба“, вели Тутковски.

    Од процесот на консолидација (Фото: НУ Стоби)

    Епископската базилика е најзначајниот христијански објект во Стоби. Се наоѓа западно од театарот и во нејзината егзистенција постојат два посебни периода. Првите ископувања биле во 1918 година, а истражувана е и во 1924 – 25, 1927, 1934, 1970 – 78, во текот на 80 – тите и во 90 – тите.

    Првиот период се однесува на Старата Епископска базилика, изградена во првата половина или средината на 4. век, што ја прави најстара црква во Македонија.Вториот период започнува во првата половина на 5.век со изградбата на новата монументална Епископска базилика.

    Крстилницата се наоѓа јужно од базиликата. Има четирилистна форма впишана во квадрат и била покриена со купола. На средината има писцина со скали на две страни. Писцината била покриена со балдахин потпрен на мермерни столпчиња. Подот во крстилницата е декориран со мозаици на кој се претставени пауни помеѓу кои има кантарос и елени помеѓу кои има канатарос. Ова е илустрација на Давидовиот псалм 42. Ѕидовите биле украсени со фрески со претставени светители. Од почетокот на 6 век покрстувањето не се изведувало со потопување во писцината, туку за таа намена во употреба бил голем мермерен кантарос.

    Според наодот на монета од 569 – 70 година под срушените ѕидови на црквата, базиликата го доживеала својот крај некаде после овие години.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира