Тамара Кучиновиќ, Драгана Милошевски-Попова и Нела Витошевиќ ќе режираат претстави годинава во Театарот за деца и младинци (ТДМ). Министерството за култура годинава одлучи 18 национални установи да добијат делегиран буџет.
Куклената претстава „Садако сака да живее” од Карл Брукнер, во адаптација и режија на Кучиновиќ, е поддржана со милион денари (околу 16.000 евра), претставата „Која е Лорет“ од Милена Деполо, режија на Милошевски-Попова, со 800.000 денари (над 12.000 евра) и Децата од улицата Пал” од Ференц Молнар, адаптација и режија на Витошевиќ, со 700.000 денари (над 11.000 евра).
Со 600.000 денари (над 9.000 евра) е поддржано четвртото издание на Интернационалниот фестивал на детски театари „Игор Маџиров“, чиј домаќин е ТДМ.
Гостувањето со претставата „Музика на мојата птица“ на 30. Ревија на куклени театри во Риека, Хрватска беше поддржано со 430.000 денари (над 6.000 евра), а гостувањето со претставата „Франкенштајн“ на Интернационалниот театарски фестивал МЕСС во Сараево со 310.000 денари (околу 5.000 евра).
На почетокот на месецов, досегашната директорка на ТДМ Катарина Илиевска-Сиљановска на Фејсбук објави дека се повлекува од функцијата по седум и полгодишен мандат. Нова в. д. директорка е Фросина Карловиц.
Б. НЕСТОРОСКА