КУЛТНИОТ СРПСКИ РЕЖИСЕР ЖИЛНИК ВЕЧЕРВА ВО МСУ ЌЕ ЗБОРУВА ЗА НЕГОВИТЕ ФИЛМОВИ

    КУЛТНИОТ СРПСКИ РЕЖИСЕР ЖИЛНИК ВЕЧЕРВА ВО МСУ ЌЕ ЗБОРУВА ЗА НЕГОВИТЕ ФИЛМОВИЖилник е еден од најпродуктивните и најнаградувани режисери во поранешна Југославија, чиј филм „Рани работи“ во 1969 доби Златна мечка.

    Седумдесет и седумгодишниот српски режисер Жилимир Жилник, еден од најпродуктивните и најнаградувани режисери во поранешна Југославија, денеска е гостин на Музејот на современа уметнот (МСУ) во Скопје. Жилник од 19 до 20 часот ќе има разговор со публиката, а потоа ќе се прикажат два негови филма: краткиот „Мали пионери“ и долгометражниот „Убави жени одат по градот“.

    Изборот на филмови и концептуалната организација на настанот е на Артан Садику, кој и ќе го води разговорот со Жилник.

    Неговите играни и документарни филмови од самиот почеток се фокусираат на современи тематики, вклучувајќи социјално и економско преиспитување на секојдневниот живот. За филмот „Рани работи“ (1969), Жилник доби Златна мечка на Берлинскиот филмски фестивал и три награди во Пула.

    Сцена од филмот „Убави жени одат по градот“.

    „Тематската рамка за изборот на овие два филма наречена ‘Од маргини до дистопија’ ја потврдува уште еднаш релевантноста на делата на Жилник за денешницата, во која сведочиме глобален раст на нееднаквоста и која отфрла сѐ поголем број луѓе на маргините од општеството, а истовремено и приближување кон реализацијата на дистописките сценарија за човештвото, поради еколошката и политичка деградација, кои раѓаат носталгија по добрите минати изгубени времиња“, вели МСУ.

    Филмот „Мали пионери“ (18 минути) е за социјално запоставени деца кои сами се грижат за себе, одлучуваат да крадат и да го прекршат законот. Тие се расправаат со нивните родители, кои ниту ги разбираат, ниту пак имаат чувства кон нив.

    Филмот „Убави жени одат по градот“, (100 мин) се случува во Белград во 2041, кој е напуштен и руиниран град покриен во ѓубре. Неколку стари луѓе живеат таму: поранешен новинар со неговата ќерка, поранешен политичар со неговата жена и поранешен полицаец, кој работи како чувар на конвикт во кој живеат осум девојки. Старците ги растат девојките според традициите на поранешните југословенски нации, што е доста ризично бидејќи Јужна Европа е опустошена од банда, која забранува какво било сеќавање на минатото.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира