„Професоре бе, што не си купиш нова кола, па да се возиш ко човек?“, е прашањето што 25 години го слуша Дионис Пашлаков од Неготино, пензиониран професор по биологија, пасиониран колекционер на стари коли, кој со страсна посветеност успеа да отвори музеј за својата колекција олдтајмери. Дионис има 108 коли, 61 моторцикл, една едрилица и еден булдожер.
„Тоа е културно-историско наследство, и се радувам што после овие 25 години работа и често потсмевање од околината, успеав да ја зачувам колекцијата на едно место и да направам атракција за Неготино, во ова време кога материјалното преовладува над соништата“, вели Дионис, висок, сув човек со седа коса, кој зборува ведро и тивко.
Тој синоќа за првпат го виде „Со љубов“, документарецот за него и неговата страст, што како деби го режираше неговиот поранешен ученик Илија Цветковски, по сценарио на наградуваниот документарист Атанас Георгиев. „Со љубов“ го отвори фестивалот МакеДокс во скопски Куршумли ан, а на македонската премиера публиката со огромна почит го испрати филмот и го поздрави Дионис, неговата сопруга Гордана и ученици од неговиот клас.
Тој тон на длабока почит и искрено воодушевување е она што го прожима филмот: просто чувствуваш како се влажнат дланките на Дионис од возбуда секојпат кога ќе види стара кола, и како таа возбуда е еликсирот на среќата, суштината на неговиот живот, која се спојува со втората негова страст, професорската работа и воспитувањето деца.
Цветковски и Георгиев многу елегантно и ненаметливо влегуваат во светот на Дионис, во неговите потраги по колите, ценкањето, малите кавги со сопругата мајстор за торти, хуморните рационализации зошто да купи уште една кола (е, ако де, бар за делови ќе ја купам, па ќе ги продавам! – нормално, тоа никогаш не се случува) и занесот да отвори музеј на олдтајмери во место што и самото е олдтајмер. Токму тој усет за ритам и мерка на авторите во прв план моќно ја извлекува големата слика на оваа приказна – за човечноста и моралноста и спремноста на саможртва заради остварување на идеалите.
„Со љубов“ на МакеДокс ќе има уште една проекција в четврток, а вечерва во 18 часот, под смоквата во Куршумли на ќе има разговор со авторите.
М. КОСТОВА