ЛУЃЕТО КАКО ЅВЕРОВИ СЕ ЈАДАТ МЕЃУ СЕБЕ ЗА ДА СТИГНАТ ДО ЦЕЛТА, ВЕЛИ РЕЖИСЕРКАТА НЕЛА ВИТОШЕВИЌ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА „ФИРМА“ ВО СКОПСКИ ДРАМСКИ ТЕАТАР

    ЛУЃЕТО КАКО ЅВЕРОВИ СЕ ЈАДАТ МЕЃУ СЕБЕ ЗА ДА СТИГНАТ ДО ЦЕЛТА, ВЕЛИ РЕЖИСЕРКАТА НЕЛА ВИТОШЕВИЌ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА „ФИРМА“ ВО СКОПСКИ ДРАМСКИ ТЕАТАРВо „Фирма“ играат: Трајковиќ, Вујисиќ, Ангелов, Арсовска, Павлаковиќ и Ристиќ. (Фото: Драмски театар)

    Луѓето денес се како ѕверови, се јадат меѓу себе, само за да стигнат до некоја цел, и на крајот гледаат дека останале сами, вели режисерката Нела Витошевиќ пред премиерата на нејзината нова претстава „Фирма“ од Роланд Шимелфенинг во Драмски театар во Скопје.

    Со премиерата на „Фирма“ на 3 октомври во 20 часот ќе се отвори 16. издание на регионалниот театарски фестивал РУТА.

    Публиката ќе биде сместена на сцената, и така може да собере 90 гледачи. Играат: Ирена Ристиќ, Ивана Павлаковиќ, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ, Игор Ангелов и Стефан Вујисиќ.

    Витошевиќ по третпат работи претстава во Драмски, по „Странци“ и „Мојот маж“, за кои в. д. директорката Викторија Рангелова-Петровска на денешната прес-конфереција рече дека се претстави кои изминативе години се играат пред полни сали.

    Режисерката вели дека Шимелфиниг е автор кој го работела повеќе повеќе пати, и го разбира неговиот јазик.

    „Идејата беше да прикажеме еден суров корпоративен свет, кој е огледало на капиталистичкото општество, преку конфликтни релации на 6 карактери, кои се тркаат да стигнат до врвот на хиерахиската пирамида. И во таа трка со времето, во таа трка до целта, тие на некој начин се губат себеси, го губат својот социјален живот. И кога ќе се свртат некаде таму, гледаат дека нивните животи се комплетно празни, дека освен работата, сѐдруго оставиле во втор план и се чувствуваат крајно осамено. Тоа е на некој начин што мислам дека го носи капитализмот, а тоа е комплетно оттуѓување на луѓето. Со интензивирање на социјалните мрежи,  мислам дека човечката релација се изгуби, луѓето се претвораат многу повеќе во машини. Тој природен допир се изгуби и мислам дека тоа на некој начин ние пробуваме да го пренесеме во претставата“, кажа Витошевиќ.

    Режисерката продолжи дека ја конципирала претставата да биде како една ринг арена, во која што ликовите имаат конкретен противник, но многу често тие самите на себе си се противници. Во таа арена, освен со конкретниот партнер со кој се во спрега и во конфликт, тие преку внатрешни интроспекции, ги покажуваат нивните внатрешни конфликти, внатрешни борби и проблеми.

    „Преку таа ринг арена на некој начин правиме огледало на капиталистичкото општество. Во таа ринг арена сите се како ѕверови, се јадат меѓу себе, само за да стигнат до некоја цел. Но, понатаму гледаме и дека не е толку важна целта, затоа што ги заборавиле поважните работи во нивните животи и останале сами на крајот на денот“, кажа таа.

    Сценографијата е на Константин Трпеноски, костимографијата на Розе Трајчевска-Ристоска, а изборот на музиката на  Витошевиќ.

     Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира