ЉУПЧО КОНСТАНТИНОВ Е ЛАУРЕАТ НА ГОЛЕМАТА ЅВЕЗДА НА ДФРМ, НА „МАНАКИ“ ДОАЃА И ФАТИХ АКИН

    ЉУПЧО КОНСТАНТИНОВ Е ЛАУРЕАТ НА ГОЛЕМАТА ЅВЕЗДА НА ДФРМ, НА „МАНАКИ“ ДОАЃА И ФАТИХ АКИН„Композиторот Константинов е исклучителна појава во македонската кинематографија, човек кој со посебна боја ги обои филмовите „Среќа нова ’49-та“ и 'Тетовирање', соработувал со неверојатни имиња како што се Пенелопе Круз, Роберто Чули, Бранко Гапо, Димитрија Османли, Столе Попов, Антонио Мириќески“, рече претседателот на ДФРМ, Игор Иванов-Изи (Фото:„Браќа Манаки“)

    Големиот македонски мајстор на филмската музика, композиторот Љупчо Константинов, е годинешниот добитник на наградата Голема ѕвезда на македонскиот филм на Интернационалниот дестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ што годинава по јубилеен 40. пат ќе се одржи од 14 до 21 септември во Битола. Наградата ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија, а на денешната прес-конференција во Битола директорот Игор Иванов-Изи рече дека критериумите се многу високо поставени, но дека Константинов ги исполнува целосно.

    „Тој е исклучителна појава во македонската кинематографија, човек кој со посебна боја ги обои филмовите „Среќа нова ’49-та“ и ‘Тетовирање’, соработувал со неверојатни имиња како што се Пенелопе Круз, Роберто Чули, Бранко Гапо, Димитрија Османли, Столе Попов, Антонио Мириќески. Потпишува повеќе од 35 наслови на филмска музика. Еден миг го имаше помалку на сцената, за сега на 76 годишна возраст да се врати на голема врата и работи во странство“, рече Иванов-Изи.

    Она што е заедничко на Константинов со Битола е и тоа што во овој град каде се одржува фестивалот „Браќа Манаки“ , тој учел средно музичко училиште.

    Игор Иванов-Изи, Наташа Петровска, Гена Теодисиевска и Благоја Куновски-Доре на денешната прес-конференција во Битола (Фото: СДК.МК )

    Друг специјален гостин кој доаѓа на „Браќа Манаки“ во Битола е германскиот режисер со турско потекло Фатих Акин, кој заедно со Рајнер Класман се одличен тандем достоен за еден 40 годишен јубилеј на фестивалот.

    „Фатих Акин ќе одржи работилница во Битола заедно со Рајнер Клаусман, наш лауреат. Акин е германски режисер со турско потекло, роден 1973 во Хамбруг, уште таму живее. Почнал со кратки филмови, а потоа добивал светски награди за големи филмови. Златна мечка на Берлински фестивал, потоа со филмот ‘На работ од рајот’ награда на жирито во Кан за најдобаро сценарио, во 2017 и 2018 најголемите награди за филмот ‘Од ништо’ и тоа Златниот глобус за најдобар филм од странско говорно подрачје, а годинава со ‘Златната ракавица’ на Берлинскиот фестивал“, рече Гена Теодосиевска, директорка на „Браќа Манаки“.

    Селекторот на главната програма Благоја Куновски-Доре рече дека во трка за Златна, Сребрена и Бронзена камера 300 ќе бидат 12 филмови.

    „Нема да ги изневериме очекувањата на гостите. 12 филмови се избрани од три фестивали, седум од Канскиот, три од Берлинскиот и два од Карлови Вари. Јас не се раководам дали некои филмови се лауреати на тие фестивали, туку да се совпаднат со моите афинитети“, рече Куновски-Доре.

    Годинава награда за докуметнарен филм ќе додели и Општина Битола. Одлучиле да биде од оваа област зашто и почетоците на Манаки биле токму во документаристиката.

    „Овој фестивал го збогатува културниот живот на нашиот град, а дава и додадена вредност, препознатливост во меѓународни рамки. Оваа година Општина Битола го поддржа фестивалот во делот на организација со 400.000 денари, но и во делот на сместување на гостите во висина од 2,5 милиони денари што значи дека финансиска помош е 3 милиони денари. Воедно, оваа година Општина Битола успеа да обезбеди средства од 8,6 милиони денари од Министерството за култура за ентериерно уредување на Киното Манаки “, рече градоначалничката Наташа Петровска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира