„МАЈКА“ НА ТЕОНА МИТЕВСКА ОСВОИ НАГРАДА ЗА УМЕТНИЧКИ ПРИДОНЕС НА ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ ВО ТОКИО

    „МАЈКА“ НА ТЕОНА МИТЕВСКА ОСВОИ НАГРАДА ЗА УМЕТНИЧКИ ПРИДОНЕС НА ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ ВО ТОКИОНаградата е една од шесте официјални на фестивалот, а вчера ја прими режисерката Стругар Митевска. (Фото: Филмски фестивал во Токио)

    „Мајка“ на македонската режисерка Теона Стругар Митевска ја освои наградата за уметнички придонес на 38. Меѓународен филмски фестивал во Токио. Наградата е една од шесте официјални на фестивалот, а Стругар Митевска.ја прими вчера.

    Гран-прито на фестивалот во Токио го освои филмот „Палестина 36“ во режија на Израелката Енмари Џасир. Филмот е за арапскиот револт против британскиот колонијализам во Палестина.

    Пред неколку недели, на Филмскиот фестивал во Хаифа, Израел „Мајка“ доби специјално признание во интернационална конкуренција.

    „Мајка“ е на пошироката листа од која ќе се бираат номинации за Европските филмски награди. Академијата соопшти дека 67 долгометражни филмови конкурираат за можна номинација за Европските филмски награди, за кои гласаат членовите на Европската филмска академија. Во тој избор се 44 играни, 15 документарни и осум анимирани филмови. Триесет и осмото доделување на наградите, познати како европски Оскари, ќе се одржи на 17 јануари 2026 во Берлин. Номинациите ќе бидат објавени на 18 ноември.

    Филмот е инспириран од животот на Мајка Тереза и е прв филм на Митевска на англиски јазик. Сценариото е на Митевска и на Гоце Смилевски и Елма Татарагиќ.

    Имаше светска премиера на Венецискиот филмски фестивал, на отворањето на програмата Хоризонти и следи седум дена од животот на Мајка Тереза во 1948 во Индија, со сите душевни премрежиња што ги имала додека чекала одобрение од Ватикан да го напушти манастирот и да основа нов ред. Во него е прикажана и битката на жената помеѓу слободниот и животот посветен на Бога.

    Мајка Тереза ја игра шведската актерка Номи Рапас, Никола Ристановски го игра отец Фредерик, а Силвија Хукс сестра Агнешка.

    Директорка на фотографија е Виржини Сен-Мартан од Белгија, сценографијата е на Вук Митевски, а прв асистент на режија е Јане Ќортошев.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира