Со премиерата на оперите од „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“ од Џакомо Пучини, на 9 мај во Националната опера и балет (НОБ) ќе се отвори 54. издание на Мајските оперски вечери (МОВ).
На отворањето ќе диригира Џанлука Мартиненги од Италија, режијата на двете оперски претстави е на Пјер Франческо Маестрини од Италија. Сценографијата е на Гилермо Нова од Шпанија, а костимите се на Кристина Ачети од Италија.
Во улогата на Сестра Анџелика настапува Валентина Бои од Италија, a а во екипата се и: Бенедета Мазето од Италија, Марика Поповиќ, Николина Јаневска, Соња Пендовска-Мадевска, Биљана Јосифов, Марија Наумовска, Ана Ројдева, Злата Тошевска-Димовска, Јаворка Витановa, Десанка Глигоријевиќ.
Во насловната улога на Џани Скики настапува Роберто Де Кандиа од Италија, a во улогата на Лаурета, неговата ќерка е Ана Дурловски. Во екипата се и: Николина Јаневска, Гуо Ѕ-Жао, Јане Дунимаглоски, Биљана Јосифов, Јован Јосифов, Диме Петров, Игор Дурловски, Драган Ампов, Злата Тошевска-Димовска, Невен Силјановски, Владимир Саздовски, Димовски и Тихомир Јанкимовски.
До крајот на Мајските оперски вечери, 31 мај, ќе бидат изведени и оперите „Риголето“, „Тоска“, „Мадам Батерфлај“, „Лебедово езеро“, „Травијата“ и „Набуко“.
„Секоја од овие претстави носи различна емоција, заедно создаваат едно целосно искуство што посакуваме публиката да го памети. Мајските оперски вечери се и огледало на институцијата, огледало што покажува колку сме подготвени да работиме посветено, на поставуваме стандарди и да создаваме продукција што може достоинствено да стои рамо до рамо со европските сцени“, рече генералниот директор на НОБ, Оливер Арсовски на денешната прес-конференција.
Фестивалскиот оган на отворањето ќе го запали првенката на Операта, Ана Дурловски.
Б. НЕСТОРОСКА



