МАКЕДОНИЈА МОЖЕ ДА АПЛИЦИРА ЗА ФИЛМ ВО ФРАНЦИЈА, СПОРЕД НОВИОТ ДОГОВОР ШТО ГО ПОТПИШАА ДВЕТЕ ЗЕМЈИ

    МАКЕДОНИЈА МОЖЕ ДА АПЛИЦИРА ЗА ФИЛМ ВО ФРАНЦИЈА, СПОРЕД НОВИОТ ДОГОВОР ШТО ГО ПОТПИШАА ДВЕТЕ ЗЕМЈИДиректорот на Агенцијата за филм Бојан Лазаревски, режисерката Теона Стругар-Митевска и францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер на презентацијата. (Фото: Агенција за филм)

    Договор за филмска продукција е потпишан меѓу Франција и Северна Македонија, со кој една идна француско-македонска копродукција ќе може да побара поддршка во Франција исто како да е француски филм. Учеството на копродуцентот може да е минимум 10 отсто од буџетот на филмот.

    Агенцијата за филм на Македонија соопшти дека договорот за копродукција во филмот е потпишан на 23 февруари во Париз, меѓу министрите за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дријан и Бујар Османи, а надлежни институции се Агенцијата за филм и Францускиот националниот центар за кинематографија и анимирани слики  (ЦНЦ).

    Овој договор е неопходен поради фактот дека Франција, за разлика од сите други европски земји, не ја користи Европската конвенција за копродукција како правна рамка за да ги потврди билатералните копродукции, туку ја користела конвенцијата само за повеќепартиски копродукции. Со овој сосема нов договор, ќе може да се потврдат билатералните копродукции што ги вклучуваат само Франција и Северна Македонија.

    Според Договорот, заради полесно исполнување се назначува Мешовита комисија која се состои од претставници на наделжни институции и експерти и таа се состанува секои 2 години наизменично во Франција и Македонија.

    „Уште кога почнавме да снимаме филмови, сфативме дека единствениот начин да постоиме е да бидеме дел од европскиот систем, и да не бидеме изолирани. Бидејќи убавината и богатството на филмската уметност е токму разновидноста. Преку Еуримаж веќе сме дел од европскиот филм, но овој договор со Франција е чекор напред. Уметноста и науката одат пред политиката, а овој договор е доказ за тоа. Истражував дека Франција веќе има потпишано ваков договор со Германија, Италија, а фактот што на нашата мала Македонија ѝ е дадена ваква можност, преку кој не само што може да се аплицира во француските филмски фондови, кои што се многу, но и француските филмови можат да дојдат во Македонија и тоа не само заради локациите туку и заради човечкиот потенцијал: филмските креативци и работници како и актерите“, изјави режисерката Теона Стругар Митевска на презентацијата во Европската куќа во Скопје на која учествуваа и францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер, директорот на Агенцијата за филм Бојан Лазаревски и претседателот на ДФРМ Игор Ианов-Изи.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира