МАКЕДОНСКИОТ АРХИТЕКТОНСКИ ПРОЕКТ ОД ВЕНЕЦИСКОТО БИЕНАЛЕ ЗА ОБЈЕКТИТЕ СМЕНЕТИ ВО „СКОПЈЕ 2014“ ОД ВЕЧЕРВА ВО МСУ

    МАКЕДОНСКИОТ АРХИТЕКТОНСКИ ПРОЕКТ ОД ВЕНЕЦИСКОТО БИЕНАЛЕ ЗА ОБЈЕКТИТЕ СМЕНЕТИ ВО „СКОПЈЕ 2014“ ОД ВЕЧЕРВА ВО МСУПлатото на Македонската опера и балет, поранешен Македонски народен театар, е меѓу објектите на кои е базиран македонскиот проект „Ослободување на просторот“. - Од изложбата во Венеција (Фото: МСУ)

    Македонскиот претставник на ланското 16. Венециско биенале на архитектурата, „Ослободување на просторот“ вечерва во 20 часот ќе биде претставен во Музејот на современа уметност (МСУ). Македонскиот проект се состои од четири објекти кои претрпеа коренити промени со проектот „Скопје 2014“. Комесар на проектот беше кустосот-советник во МСУ Зоран Петровски, а куратори се Слободан Велевски и Марија Мано Велевска.

    „Во популистички агресивната градежна офанзива наречена ‘Скопје 2014’, што го окупира средиштето на градот со недогледни колони на накитени стиропорни фасади и помпезни бронзени споменици, архитектурата и урбанизмот беа злоупотребени за крајно фриволно располагање со јавниот простор и за заробување, потиснување или негирање на претходните архитектонски достигнувања“, велат кураторите.

    Поставката третира четири различни проекти изработени од четири тимови архитекти во соработка со кураторите: проектот „Непријатна блискост“ го реконципира објектот на ЦК СКМ, односно Владата на Република Северна Македонија; проектот „Повторно поврзување“ го обликува просторот помеѓу комплексот ПОШТА; проектот „#Ослободување #Поврзување #Прочистување #Репрограмирање“ го третира платото пред Македонскиот народен театар (МНТ); проектот “Дестратификација Скопје“ ја преформулира фасадата и содржината на зградата на НА-МА.

    МСУ најавува дека за време на траењето на изложбата ќе биде организирана и трибина, која ќе има за цел да го поттикне дијалогот во јавноста и да побара политички и општествен став околу прашањата иницирани со проектот „Ослободување на просторот“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира