ПРОЕКТ НА МСУ СО 4 ОБЈЕКТИ КОИ „СКОПЈЕ 2014“ ГИ ИЗМЕНИ ОД КОРЕН ОДИ НА АРХИТЕКТОНСКОТО БИЕНАЛЕ ВО ВЕНЕЦИЈА

    ПРОЕКТ НА МСУ СО 4 ОБЈЕКТИ КОИ „СКОПЈЕ 2014“ ГИ ИЗМЕНИ ОД КОРЕН ОДИ НА АРХИТЕКТОНСКОТО БИЕНАЛЕ ВО ВЕНЕЦИЈАКомесарот на проектот Зоран Петровски, в.д директорката на МСУ Мира Гаќина, министерот за култура Роберт Алаѓозовски и кураторите Марија Мано и Слободан Велевски деенска го претставија проектот „Ослободување на просторот“ (Фото: МИА)

    Четири објекти кои претрпеа коренити промени со проектот „Скопје 2014“ се вклучени во проектот „Ослободување на просторот“ на Музејот на современа уметност (МСУ), македонскиот претставник на 19. Биенале на архитектура во Венеција (26 мај- 25 ноември). Комесар на проектот е кустосот-советник во МСУ, Зоран Петровски, а куратори се Слободан Велевски и Марија Мано Велевска. Автори на проектот, покрај Слободан и Марија Велевски, се Дејан Ивановски, Филип Јовановски, Благоја Бајковски, Марина Торнатора, Лучија ла Џуса, Алесандро де Лука, Владо Данаилов, Мила Димитровска, Гордан Витевски и Александра Шулевска.

    Темата на годинашната меѓународна архитектонска смотра е Слободен простор, зададена од кураторите архитекти Ивон Фарел и Шели Мекнамара.

    Еден од кураторите, Слободан Велевски, на претставувањето кажа дека содржината на проектот ја поставиле врз 3 клучни тези.

    „Ослободување на простор“ ќе биде изложен во МСУ, на почетокот на 2019 

    „Првата е дека ‘Скопје 2014 година’ не е архитектонски проект, бидејќи во себе ја нема логиката на архитектонската професија, да создава јасна просторна композиција врз која се развива современиот наратив на градот и урбаното живеење. Втора теза е дека неговата единствена вредност е дека тој постои и како таков влијае на конткестот на градот. Трето, сметаме дека современиот градски простор се темели на важноста на тој заеднички простор во кој се споделуваат различните потреби на луѓето кои живеат заедно“, рече Велевски.

    Врз основа на тие тези, избрале 4 дистинктивни просторни асамблажи вткаени во архитектонската и колективната меморија на градот: платото на Македонската опера и балет (МОБ) и кејот на Вардар, објектот на Владата на Македонија, Поштата со телекомуникацискиот центар и објектот на МЕПСО и Стоковната куќа на Плоштад Македонија.

    „Не се осврнавме на нив само заради естетска, туку повеќе во функционална и просторна смисла, бидејќи тие се стожери врз кои се облкува градскиот простор. ‘Ослободување на просторот’ нема за цел да изгради ниту архивски ниту носталгичен однос кон минатото. Ние гледаме, се враќаме неколку чекори назад, па одиме неколку чекори напред и даваме критичко гледање на градот“, вели Велевски.

    Според комесарот Петровски, како јавност сѐ уште сме немале квалитетна дискусија за „Скопје 2014“ и затоа, вели тој, овој проект нуди платформа и добра визија како да ја почнеме таа дискусија, дали смееме да ја прифатиме таа даденост онаква каква што е до крај и кои се нашите морални одговорности.

    Петровски најави дека „Ослободување на простор“ ќе биде изложен во МСУ, на почетокот на 2019.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира