МАКЕДОНСКИТЕ КОМПОЗИТОРИ СЕ УСПЕШНИ НА СВЕТСКИТЕ СЦЕНИ, А ДОМА НЕМА НИ КАДЕ ДА ГИ ЕМИТУВААТ, ВЕЛИ ВАЛЕНТИНА ВЕЛКОВСКА-ТРАЈАНОВСКА, НОВАТА ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА СОКОМ

    МАКЕДОНСКИТЕ КОМПОЗИТОРИ СЕ УСПЕШНИ НА СВЕТСКИТЕ СЦЕНИ, А ДОМА НЕМА НИ КАДЕ ДА ГИ ЕМИТУВААТ, ВЕЛИ ВАЛЕНТИНА ВЕЛКОВСКА-ТРАЈАНОВСКА, НОВАТА ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА СОКОМВелковска-Трајановска е композиторка на оркестарски, камерни, хорски и вокални дела кои се изведуваат во Европа и пошироко. (Фото: К. Галевски)

    Композиторката и професорка Валентина Велковска-Трајановска е нова претседателка на Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ). Во 75-годишната историја на Сојузот, основан од основоположниците на македонското современо музичко творештво Стефан Гајдов, Трајко Прокопиев, Живко Фирфов и Тодор Скаловски, Велковска-Трајановска е прва жена на оваа функција.

    Велковска-Трајановска е композиторка на оркестарски, камерни, хорски и вокални дела кои се изведуваат во Европа и пошироко. Дипломирала (2001) музичка теорија и педагогија на Факултетот за музичка уметност на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“. Подоцна, таа се запишува на Одделот за композиција на истиот факултет, во класата на Томислав Зографски и дипломира (2004) во класата на проф. д-р Томе Манчев. Магистрира – Теорија на оркестрација (2006) и докторира – Композиција (2019) на истиот факултет во класата на д-р Манчев.

    Новото Претседателство го сочинуваат композиторите проф. Живојин Глишиќ, проф. м-р Јана Андреевска, проф. д-р Горан Начевски и м-р Борис Светиев, и музиколозите проф. д-р Стефанија Лешкова-Зеленковска и д-р Мирјана Павловска-Шулајковска. – Од изборното собрание на 13 февруари. (Фото: СОКОМ)

    Во својот опус Велковска-Трајановска има соло, хорски, камерни и оркестарски дела и ораториум, кои биле изведувани во Македонија, Србија, Словенија, Чешка, Украина, Велика Британија, Франција, Холандија, Данска, САД и Австрија, од реномирани уметници меѓу кои се гудачките квартети Мивос, Диотима, Антарија и Сонар, ансамблите Реконсил Виена, Линеа, „КонТемпора“ и „Созвук“, пијанистот Николас Хорват, Камерниот хор на Нов Лондон и други. Има добиено бројни меѓународни и државни награди и стипендии.

    Работела како музички новинар и музички соработник за Македонската телевизија (1996–2003) и како музички новинар и соработник за Македонското радио (1998–2003). Од 2003 година предава хармонија, хармонска анализа и музички форми со анализа, беше Продекан, член на Универзитетскиот сенат и сега е професор по композиција и теорија на музика на Музичката академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Објавила трудови, книги и учебник од областите на музичата теорија и оркестрација. Во 2018 беше предавач на Академијата Франц Лист во Будимпешта, Унгарија и на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, Австрија.

    * Доаѓате на една функција во не многу сјајна финансиска, материјална, па и меѓучовечка ситуација, во споредба со некогашната елитна позиција на Сојузот кога го предводеле Скаловски и останатите легенди. Во каква состојба го наоѓате СОКОМ?

     СОКОМ е здружение кое постои повеќе од седум децении, на секои две години се избира ново раководство. За мене е голема честа што заедно со претседателството нè изгласаа и избраа нашите колеги и се надевам дека ќе ја оправдаме меѓусебната доверба. Генерално не знам дали има многу институции и здруженија од областа на културата што се во добра финансиска и материјална ситуација, од друга страна т. н. елитна позиција произлегува од сите нас индивидуално, високо стручни и едуцирани професионалци кои се целосно посветени на својата дејност поради што од минатото па сѐ до денес нашите членови учествувале во градењето на музичката историја и култура. Во однос на конкретната состојба на самиот почеток не би можела веднаш да кажам со оглед на тоа што сè уште се запознаваме со сите одделни проекти и документација, во времиња што се целосно диктирани од здравствените услови произлезени од светската пандемија на ковид-19.

    Нејзината музика е објавена на авторскиот компакт диск „Чекор пред темнината“ 2013, како и компакт дисковите со избор на композиции изведени на фестивалот Денови на македонска музика од СОКОМ. (Фото: К. Галевски)

    *Какви се вашите планови да се наметне СОКОМ во јавниот дискурс?

    – СОКОМ како здружение има свои цели и задачи што како претседателство ќе се стремиме да ги оствариме, меѓу кои може да ги напомнам недостатокот од стимулација за создавање на уметничко творештво, можностите за изведба и пласман на истото и можностите на меѓународна соработка зависно од условите што ќе ни бидат достапни поради претходно споменатата светска пандемија. Мора да напоменам, членовите на СОКОМ индивидуално имаат голема меѓународна препознатливост и се многу успешни на светските музички сцени (што се посветени на нашите видови творештво), но кај нас недостасуваат можностите за изведба на делата, нивно радио или телевизиско емитување, нивно соодветно авторско валоризирање преку заштитата на авторските права и сѐ што функционира во останатите држави, а истото кај нас наместо да се унапреди, во изминатите години се укина, како на пр. Третата радиопрограма, хорот и оркестарот на Македонската радиотелевизја (МРТВ).

    *Што може да се направи повеќе освен Деновите на македонска музика? Како сте задоволни од досега постигнатото со ДММ?

    – Освен фестивалот Денови на македонска музика, СОКОМ досега организираше 44 изданија на музичко-научната манифестација Струшка музичка есен, реализираше повеќе од шест години концертна дејност со ансамблот за современа музика на СОКОМ „КонТемпора“, концертна дејност како дел од билатералната соработка со повеќе земји, редовен член е на Алијансата на европски композитори и текстописци, има издавачка дејност која освен зборниците од манифестацијата опфаќа издавање на компакт дискови и печатење зборници со партитури со дел од творештвото на македонските композитори. Фестивалот Денови на македонска музика има исто така долга традиција, досега се организирани повеќе од четириесет изданија, на кои, зависно од концепцијата на уметничките селектори доминира навраќањето кон творештвото што е создадено во минатото или премиерните изведби на нови дела. Огромен недостаток се финансиите што оневозможуваат фестивалот да опфати изведба на дела од поголем обем, поради што најголемиот фокус на концертните програми се камерното и солистичкото творештво. Постојат и различни приоди на селекторите и претседателството, што произлегува од степенот на интерес на аспектот на дополнување на фестивалот со концерти чија цел би била популаризирање и приближување кон нова публика за современото музичко творештво.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира