Документарците „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски и „Руини“ на Елена Чемерска ќе имаат македонска премиера на 17. Фестивал на креативен документарен филм МакеДокс во Скопје, објавија организаторите на денешната прес-конференција. Тие се меѓу 71 филм што ќе играат во неколку програми на фестивалот.
„Добри луѓе“ на Манчевски, со преживеаните од пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, на МакеДокс во Главната програма ќе игра на 23 август, а доаѓа по светската премиера на Сараевскиот филмски фестивал на 16 август.
Дебитантскиот документарец „Руини“ на Чемерска, за реставрацијата на Споменикот на слободата во Кочани, монументално дело на татко ѝ Глигор Чемерски и архитектот Радован Раѓеновиќ, на МакеДокс ќе игра на 24 август во програмата Нови автори, а имаше светска премиера на 14 јуни на фестивалот во Шангај, Кина.
МакеДокс отвора на 20 август со краткиот „Цвеќињата стојат молкум, сведочат“ на Тео Панагопулос и со долгометражниот кубански „Кон Запад, во Запата“ на Дејвид Бим во Куршумли ан, а до 27 август фестивалските проекции ќе одат и во во Музеј на Македонија, Сули ан, „Лабораториум“ и Албанскиот театар во Скопје.
Фестивалот ќе се одржи со мото „Само сонот е стварност“, а се очекуваат над 100 гости од странство. Фестивалското мото „Само сонот е стварност“ е наслов на песна од Тин Ујевиќ, но и на книга на една од најзначајните македонски филмолози и филмски критичарки, Илинденка Петрушева, која почина лани.
Филмовите ќе се прикажат во шест програми: Главна програма, Нови автори, Земја во фокус: Шпанија, Кратки документарци, Студентска програма и Програма за деца и млади. На фестивалот ќе се доделат пет награди, „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Награда за најдобри етички идеи, а во комисиите за наградите членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот филмски свет.
Во програмата на фестивалот се предвидени работилници со наслов „Сè што ги обликува документарците“ со Мигел Еек и Ксавиер Марадес; Мастерклас со Алесандро Стелино со наслов „Збогум филмски критичари, здраво навивачи“, како и панел-дискусија за киното и за филмската критика со наслов „Филмска критика во ера на алгоритми?“ на која ќе учествуваат Марина Костова, филмска критичарка, потпретседателка на ФИПРЕСЦИ, Марина Д. Рихтер (Австрија) филмска критичарка, новинарка и фестивалска селекторка, Алфонсо Ривера (Шпанија) филмски критичар, новинар и член на ФИПРЕСЦИ Шпанија, Муртада Елфадл (САД) филмски критичар, новинар и селектор, додека мoдератор на панелот ќе биде Кристин Камдесу (Франција) управна и уметничка директорка на ФИПАДОК. Овие настани ќе се одржат во „Лабораториум“.
Во соработка со Словенечкиот филмски центар ќе биде презентиран избор од современата документарна сцена во Словенија, а ќе биде претставен и проектот „Документарница“.
Б. НЕСТОРОСКА



