„МАРИЈА“ СО АНЏЕЛИНА ЏОЛИ ГО ОТВОРА СОЛУНСКИОТ ФЕСТИВАЛ, ПОЧЕСНИ НАГРАДИ ЗА БИНОШ, ФАЈНС И ДИЛОН

    „МАРИЈА“ СО АНЏЕЛИНА ЏОЛИ ГО ОТВОРА СОЛУНСКИОТ ФЕСТИВАЛ, ПОЧЕСНИ НАГРАДИ ЗА БИНОШ, ФАЈНС И ДИЛОНАнџелина Џоли ја игра грчката оперска дива Марија Калас. (Фото: ТИФФ)

    „Марија“ на Пабло Лараин со Анџелина Џоли како грчката оперска дива Марија Калас, го отвора вечерва 65. Филмски фестивал во Солун. Фестивалот годинава има три ѕвезди кои ќе добијат почесен Златен Александар за животно дело, оскаровците Жилиет Бинош и Реиф Фајнс и актерот и режисер Мат Дилон.

    Во чест на Бинош и Фајнс утревечер на церемонијата на доделувањето на наградата ќе игра нивниот хит од пред 29 години „Англискиот пациент“ на Ентони Мингела, а следниот ден и нивниот најнов, трет, заеднички филм „Враќање“ на Умберто Пазолини, инспириран од приказната за враќањето на Одисеј во Итака.

    Во чест на Бинош и Фајнс ќе игра и нивниот најнов, трет, заеднички филм „Враќање“ на Умберто Пазолини. (Фото: Гети)

    Мат Дилон во Солун ќе дојде како актер во последниот филм „Да се биде Марија“ на Џесика Палуд, каде го игра Марлон Брандо во приказната за ѕвездата на „Последното танго во Париз“ Марија Шнајдер. Во негова чест ќе игра и неговото режисерско деби „Град на духови“ од 2002, а учествува и во „Интерфиарс“, филм кој како визуелна инсталација ќе се прикажува во изложбата на данскиот автор Јеспер Јуст додека трае фестивалот.

    Централна тема на фестивалот годинава е „Ние, чудовиштето“, опишана како „чудни и мистериозни филмски суштества, чудовишта кои живеат до нас и во нас“, чиј гостин-куратор е Карло Катријан, поранешниот директор на Берлинале и Локарно. Тематскиот дел содржи 22 филмски ремек-дела, изложба со дела од Малвина Панајотиди и Дејвид Сампетаи, како и специјално двојазично издание со коментари и анализи од филмски теоретичари, социолози и новинари.

    По 12 филмови ќе играат во трите натпреварувачки селекции – во Меѓународната селекција со дебија, втори и трети филмови на авторите, наградите Златен и Сребрен Александар носат по 10.000 односно 5.000 евра, исто како и во Запознај ги соседите со филмови од земји на Југоисточна Европа, Медитеранот и Блискиот Исток, а во Филмски напред, за поексприментални филмови, наградите се 8.000 односно 4.000 евра.

    Мат Дилон во „Да се биде Марија“ на Џесика Палуд го игра Марлон Брандо во приказната за ѕвездата на „Последното танго во Париз“ Марија Шнајдер. (Фото: ТИФФ)

    Од лани, фестивалот ја укина популарната селекција Балкански преглед, која се трансформира во Проширен преглед и чија годишна тема е необично семејство, со 11 филмови од различни периоди. Во оваа селекција вечерва игра и „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски.

    Македонски придонес има и во грчкиот филм „Кјука, пред крајот на летото“ на Костис Карамунтанис кој е во селекцијата Филмски напред, а е копродукција со Македонија, односно со „Лист продукција“ на продуцентката Марија Димитрова, а копродуцент е Игор Иванов-Изи. Филмот е поддржан во 2020 со 3,6 милиони денари на Конкурсот во втор рок за филмски проекти на македонската Агенција за филм.

    Меѓу специјалните настани на фестивалот е и проекцијата на реставрираниот филм на славната француска уметница Ники де Сан Фал, „Сон подолг од ноќта“. Славниот полски композитор Збигњев Прајзнер и монтажерката на музика Сузана Периќ која работела со Мартин Скорсезе, Грета Гервиг и Питер Џексон, ќе имаат мастреклас во рамки на иницијативата Запознај ја иднината, чија тема годинава е уметноста на филмската музика.

    Фестивалот затвора на 11 ноември со „Крај“ на оскаровецот Џошуа Опенхајмер, кој лично ќе го претстави филмот во Солун.

    М. КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира