„МЕДЕНА ЗЕМЈА“ Е ПРЕКРАСЕН ФИЛМ СО ЕПСКА ВЕЛИЧИНА – ВЛИЈАТЕЛНИТЕ АМЕРИКАНСКИ МЕДИУМИ СО ОДЛИЧНИ РЕЦЕНЗИИ ЗА МАКЕДОНСКИОТ ДОКУМЕНТАРЕЦ

    „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ Е ПРЕКРАСЕН ФИЛМ СО ЕПСКА ВЕЛИЧИНА – ВЛИЈАТЕЛНИТЕ АМЕРИКАНСКИ МЕДИУМИ СО ОДЛИЧНИ РЕЦЕНЗИИ ЗА МАКЕДОНСКИОТ ДОКУМЕНТАРЕЦМакедонскиот победник на „Санденс“, кој e застапуван од американската компанија за производство и дистрибуција на филмови „Неон“ од 26 јули има кинодистрибуција во селектирани киносали во САД (Фото: Љ. Стефанов )

    Влијателните американски медиуми како  „Њујорк тајмс“, „Лос Анџелес тајмс“, „Њујоркер“, „Венити фер“ „Ролинг стоун“ објавија одлични рецензии за македонскиот документарен филм „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов.  Македонскиот победник на Санденс, кој e застапуван од американската компанија за производство и дистрибуција на филмови „Неон“, од 26 јули има кинодистрибуција во селектирани киносали во САД, вклучувајќи ги „Ламли ројал“ во Лос Анџелес и „Куад синема“ во Њујорк.  За филмот пишуваат и „Нонфикшн филм“ „Попбрејк“ , „Вокс“, „Индивајр“ и „Дедлајн“ .

    Во текстот со наслов „Бодежот и благоста“, критичарот на „Њујорк тајмс“ А. О. Скот пишува: „Документарецот за конфликтот на македонската пчеларка со нејзините соседи станува лирска еколошка приказна“. Тој нагласува дека уште во првите минути документарецот „Медена земја“ е одушевувачки, возвишен, необичен и богат со човечка и природна убавина – како на филм. А. О. Скот се осврнува кон приказната на скромната Атиџе, чија хармонија со природата се нарушува кога во нејзиното соседство се преселува номадското семејство на Хусеин.

    „Присуството на Хусеин и неговото многубројно палаво семејство е среќна околност ‒ подарок од боговите на филмската нарација. Но, извонредниот успех на филмаџиите не се базира само на среќата. Тие успеваат од тој конфликт да извлечат комедија и патетика. Го претставуваат комплексното искуство со нагласена јаснотија. Нивниот филм е тивок, интимен и интензивен, со нишка на епска величина. Тоа е поема со историја. Ја согледува иднината, истовремено со вознемиреност и со надеж. Атиџе се чини дека е последната од нејзинот вид. Лакомата експлоатација на Хусеин на ретките и кревки ресурси го претставува правилото, поддржано од сурова и практична причина. Нивната борба се доживува како микрокосмос на тешкотиите на човештвото во време на еколошка катастрофа, а Атиџе, токму поради нејзината скромност и трпеливост, изгледа како херојска фигура, предупредувајќи и давајќи пример за сите нас, нејзините расипнички, неодговорни соседи“, пишува тој и подвлекува: „Можеби е необично да се каже за документарен филм, но ‘Медена земја’ ме потсети на книгата за деца ‘Лоракс’ од Теодор Гајзел, познат како д-р Сеус. Тоа е одлична, длабока приказна со еколошка порака. Како и насловниот лик во таа приказна, така и Атиџе е еден вид пророк. Таа зборува во името на пчелите“.

    Филмскиот критичар Џастин Чанг во рецензијата за „Лос Анџелес Тајмс“ со наслов „‘Медена земја’ е потресен документарец за начин на живот што исчезнува“ вели дека првите сцени од волшебниот и трогателен документарец од режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов се чудесни за гледање.

    „Но, иако ‘Медена земја’ го избегнува нагласеното посочување на негативец, сепак, не е тешко да се гледа на Атиџе како на херој. Без разлика дали се пробива низ снегот и се искачува на планината, на крајот од филмот, таа е принципиелна и сочувствителна – една од последните од видот што е на изумирање. Овој прекрасен, срдечен филм ве остава да се восхитувате на нејзината историја, да размислувате, нервозно за нејзината иднина ‒ и да се прашувате, можеби, зошто нејзиниот пример на основна пристојност стана толку загрозен“,  пишува Чанг.

    На „Ротен томатос“ водечкиот онлајн агрегатор на филмски и ТВ-критики, кој важи за еден од најрелевантните ресурси за препораки на филмови, „Медена земја“ има 100 отсто позитивни коментари.

    „Медена земја“ на крајот на август ќе биде прикажан пред домашната публика, на најголемиот фестивал за документарни филмови МакеДокс, по што ќе игра на редовен репертоар во кината.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира