„Медена земја“ освои две награди Избор на критиката за документарци во САД, за најдобар прв документарен филм за режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов и за најпривлечен лик во документарец за протагонистката Атиџе Муратова. Наградите на Американското здружение на критичарите беа доделени синоќа на гала вечер во Бруклин, Њујорк и се сметаат за најточно предвидување на номинациите за Оскар што престојат во јануари 2020.
Најдобар документарец е „Аполо 11“, а наградата за најдобар режисер ја поделија Питер Џексон за „Тие никогаш нема да остарат“ и Џулија Рајхарт и Стивен Богнар за „Американска фабрика“.
„Медена земја“ е македонскиот кандидат за Оскар во категоријата најдобар странски филм за 2020 на Американската филмска академија.Ова е првпат македонски кандидат за Оскар да биде долгометражен документарец.
Изминатиов викенд Европската филмска академија објави дека „Медена земја“ е меѓу петте кандидати за наградата најдобар европски документарец за 2019, заедно со: „Сведоците на Путин“ (Русија), „За Сама“ (Велика Британија/САД), „Исчезнувањето на мојата мајка“ (Италија/САД) и „Селфи“ (Франција/Италија).
Б. НЕСТОРОСКА