„Менк“ со десет и „Земја на номади“ со шест ги предводат номинациите за годинашните Оскари, кои ќе бидат доделени на 25 април.
Покрај нив, за Оскар за најдобар филм ќе се борат и „Исус и црниот месија“, „Минари“, „Надежна млада жена“, „Звук на металот“, „Татко“ и „Судењето на чикашките седумтемина“.
Клое Жао („Земја на номади“) и Емералд Фенел („Надежна млада жена“) испишаа историја откако за првпат две жени истовремено се најдоа во конкуренција за режисерскиот оскар. Машкото друштво го сочинуваат Дејвид Финчер за „Менк“, Ли Ајзак Чанг за „Минари“ и Томас Винтерберг за „Уште една тура“.
Чедвик Боузман посмртно е номиниран за Оскар за најдобар актер за својата последна филмска улога во „Ма Рејни: Мајка на блузот“, покрај Ентони Хопкинс („Татко“), Риз Ахмед („Звук на металот“), Гери Олдман („Менк“) и Стивен Јеун („Минари“).
Петте номинирани актерки се Андра Деј („САД против Били Холидеј“), Вајола Дејвис („Ма Рејни: Мајка на блузот“), Френсис Мекдорманд („Земја на номади“), Ванеса Кирби („Делови од жена“) и Кери Малиган („Надежна млада жена“).
За најдобра споредна улога номинирани се Даниел Калуја и Лакит Стенфилд за „Исус и црниот месија“, Лесли Одом Џуниор за „Една ноќ во Мајами“, Пол Раси за „Звук на металот“ и Саша Барон Коен за „Судењето на чикашките седумтемина“, а во женска конкуренција се Аманда Зајфрид („Менк“), Марија Бакалова („Борат 2“), Оливија Колман („Татко“), Јоун Јух-јунг („Минари“) и Глен Клоуз („Хилбили елегија“), која доби и осма шанса да стигне до својот прв оскар.
Романскиот „Колектив“ го повтори минатогодишниот подвиг на „Медена земја“, добивајќи номинација и за најдобар документарец и за најдобар странски филм. Други номинирани документарци се „Камп за инвалиди“ (САД), „Тајниот агент“ (Чиле), „Октоподот, мојот учител“ (Јужна Африка) и „Затворска казна“ (САД), а за странски филм „Уште една тура“ (Данска), „Подобри денови“ (Кина), „Човекот којшто си ја продаде кожата“ (Тунис) и „Кво вадис, Аида?“ (БиХ).