Емилија Стојковска и Милијана Богданоска, кои беа деца во филмот на режисерот Милчо Манчевски „Мајки“, од пред осум години, а денес веќе тинејџерки, синоќа симпатично ја најавија македонската премиера на неговиот најнов филм „Бикини Мун“, американско-германска копродукција.
Во полната сала на киното Милениум во Скопје, со голем број политичари, актери и актерки, продуценти, музичари, Стојковска и Богданоска ја прашаа публиката дали ги препознава, па по прикажаниот кадар со нив две, тие рекоа : „Сме пораснале нели? Не растеме само ние, сите растеме и учиме со филмовите на Милчо Манчевски, како да останеме позитивни во ова диво време“.
По петминутниот експериментален филм „Крајот на времето“, следеше премиерната проекција на новиот филм на најнаградуваниот македонски автор, а репризата беше веќе во 22 часот исто така во полна сала.
Филмот е на редовниот репертоар на Милениум, со две проекции дневно, од 20 часот и од 22 часот.
„Бикини Мун“ се најавува како документарец за една бајка, а пак критиката веќе го оценува како успешен микс на документарец, њујоршки авторски филм и фантазија, или пак модерна урбана бајка со фасцинантна приказна.
Кондола Рашад, ѕвезда во подем на американската сцена, ја глуми Бикини Мун Дејвис, поранешна жена – војник која е ментално нестабилна. Ќерката ѝ ја одземаат, таа останува на улица, секојдневно справувајќи се со нејзиниот свет, кој го нарекува Бикиниленд.
Во филмот играат и Сара Голдберг, Вил Џеновиц, Сатја Сридхаран и Микал Мишел Харис.
Манчевски и на овој филм, како и на сите претходни соработува со наградуваниот британски дизајнер на продукција Дејвид Манс, директор на фотографија е Џошуа З. Вајнстин, а единствени Македонци во екипата на „Бикини Мун“ се композиторот Игор Василев – Новоградска и дизајнерот на визуелни ефекти Мишо Ристов, со кои Манчевски соработува изминативе неколку години.
Светската премиера на „Бикини Мун“ беше на фестивалот во Сао Пауло, Бразил, а американската на познатиот Синеквест фестивал во Сан Хозе, Калифорнија. Изминатиов период, „Бикини Мун“ почна да се прикажува на повеќе светски фестивали, а на 38. Меѓународен филмски фестивал Фантаспорто во Порто, Португалија, филмот ја освои специјалната награда од жирито.
Македонија е прва земја во регионот со редовна кино-дистрибуција, а по Скопје следуваат фестивалите во Сарасота во Флорида, во Истанбул, Менхетен во Њујорк, во Франкфурт и Нешвил во мај.
Б. НЕСТОРОСКА