„МИМИ“ Е ФИЛМ ЗА ПОВРШНОСТА И ЛАЖНИТЕ ФАСАДИ ПРЕД ДРУГИТЕ, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ ПЕЈОВСКИ ЗА НОВИОТ ФИЛМ

    „МИМИ“ Е ФИЛМ ЗА ПОВРШНОСТА И ЛАЖНИТЕ ФАСАДИ ПРЕД ДРУГИТЕ, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ ПЕЈОВСКИ ЗА НОВИОТ ФИЛМ„ 'Мими' е психолошка драма за девојка која, потисната од родовите предрасуди во родниот крај, доаѓа да живее во Скопје“, најавува режисерот; - Тамара Ристоска и Наталија Теодосиева на денешниот сет на „Мими“. (Фото: К. Попов)

    Режисерот Даријан Пејовски денес во кафулето спроти Гимназијата „Јосип Броз Тито“ во  строгиот центар на Скопје почна со снимањето на својот втор долгометражен филм по „Три дена во септември“, насловен „Мими“.

    Од продукцијата „Скопје филм студио“ велат дека режисерот, кој е автор и на сценариото, фокусот го става на два женски лика, и дека „Мими“ претставува повик за освестување на одредени аспекти од личноста на секој еден од нас. Филмот е македонско-хрватско-косовска копродукција.

    Режисерот Пејовски на денешниот сет на „Мими“. (Фото: К. Попов)

    „ ‘Мими’ е психолошка драма за девојка која, потисната од родовите предрасуди во родниот крај, доаѓа да живее во Скопје. Се запознава со екстровертната Сара и меѓу нив се раѓа пријателство што набрзо преминува во опсесија. ‘Мими’ е филм за површноста, и лажните фасади што ги покажуваме пред другите“, изјави Пејовски, кој има снимено и неколку краткометражни филмови, а во изминатиот период работеше на ТВ-сериите „Фамилија Марковски“, „Инсајдер“ и „Преспав“.

    Снимањето ќе трае до 16 ноември и е планирано да се реализира на повеќе локации во Скопје, според протоколите за заштита од ковид-19.

    Наталија Теодосиева ја игра главната улога во „Мими“. (Фото: К. Попов)

    Во филмот играат: Наталија Теодосиева, Тамара Ристоска, Оливер Митковски, Петар Мирчевски,  Сашко Коцев, Стефан Спасов, Дениз Абдула и Владимир Петковиќ. Томи Салковски е продуцент, кинематографер е Дејан Димески, Игор Тошевски е сценограф, Емилија И. Атанасовска е костимографка, а за шминката и фризурата е задолжена Ива Куробаса од Хрватска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира