Министерот за култура Асаф Адеми ги повикува сите кои имаат сугестии или жалби за конкурсот за Годишната програма во културата за 2019 година, преку директен телефонски број да му се обратат нему. Конкурсот траеше од 29 септември до 14 ноември.
Сличен принцип за пријавување на неправилности, нерегуларности и корупција во здравствениот систем, имаше и поранешниот министер за здравство, Арбен Таравари, кој е актуелен градоначалник на Гостивар. Адеми на изминатите локални избори лани беше кандидат на Беса за градоначалник на Гостивар.
Адеми на денешниот брифинг со медиумите рече дека за овој конкурс ќе има повеќе новини, по пропустите од последниот конкурс, кога имаше неколку случаи да неколку лица беа избрани да добијат пари од државата, а самите беа членови на комисиите кои одлучуваа за проектите, или пак кога беа поддржани проекти на вработени лица во Министерството за култура.
„Очекувам во законската одредба од 45 дена после носењето на буџетот, да ја донесеме и одлуката за финансирање на проектите. Јас ќе се потпирам на предлозите кои ќе ги добијам од комисиите. Не сум Супермен што може да разгледа 5.000 апликации. Затоа имаме девет комисии, во тие за драмска, издавачка и за музичко-сценска дејност ќе има по пет членови, а во останатите по три“, рече министерот.
Комисиите ќе треба да ги објават предлог извештаите од 13 до 27 јануари 2019 година и да дојдат кај министерот, кој ќе ги разгледува со стручните служби. Предлог извештаите, со носителот на проектот и финансиите кои се бараат ќе бидат објавени на сајтот на Министерството, каде граѓаните ќе имаат увид во апликациите, и ќе може да реагираат доколку забележат некакви нерегуларности преку телефонот за директен контакт со министерот.
За првпат досега, Министерството јавни ги објавува имињата на претседателите на комисиите, уште пред да бидат соопштени резултатите. Така, со комисијата за интердисциплинарни уметности ќе раководи уметникот Суат Камбери, со комисијата за фолклор, музичка и сценска дејност музикологот Плеурат Гаши, за издавачка дејност филологот Бертон Сулејмани, со драмска дејност актерот Петар Арсовски, а со комисијата за визуелни уметности професорот по графичка и ликовна уметност ќе раководи Трајче Блажевски.
Професорката по историја на уметност, Анета Серафимова е претседателка на комисијата за недвижно културно наследство, археологот Мила Шурбановска за музејска дејност и нематеријално културно наследство, а филологот Вилдане Идризи е на чело на комисијата за библиотечна дејност.
Од годинава нема комисија за меѓународни претставувања, туку тие апликации за во странство ќе бидат распоредени по комисиите за дејностите на кои се однесуваат. Новина е комисијата за инвестиции, на чело со економистот Џеладин Локмани. Оваа комисија ќе одлучува за средствата потребни за реконструкции и поправки на националните институции.
„Се потрудивме да имаме речиси нови членови во сите комисии. Верувам дека се стручни луѓе, компатибилни за дејностите, дека се чесни и ќе работат согласно законот. Очекувам на 28 јануари да има предлози со добри проекти, каде што нема јас да се мачам да одлучувам кои проекти ќе бидат финансиски поддржани“, вели министерот Адеми.
Б. НЕСТОРОСКА