МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ДАДЕ 3 МИЛИОНИ ДЕНАРИ, НАДВОР ОД ГОДИШНАТА ПРОГРАМА, ЗА ОПЕРА ЗА СКЕНДЕРБЕГ

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ДАДЕ 3 МИЛИОНИ ДЕНАРИ, НАДВОР ОД ГОДИШНАТА ПРОГРАМА, ЗА ОПЕРА ЗА СКЕНДЕРБЕГ„Во пресрет на 550-годишнината од смртта на националниот херој, Ѓ.К. Скендербег, потпишав одлука да на 28 ноември оваа година, во Големата сала за опера и балет да биде претставена премиерата на операта 'Скендербег'“напиша министерот за култура Адеми на Фејсбук на крајот на минатиот месец (Фото: Министерство за култура)

    Министерството за култура ќе даде 3 милиони денари за операта „Скендербег“, пари кои не се дел од буџетот за Годишната програма за проекти од национален интерес во културата.

    Министерот за култура Асаф Адеми на крајот на јули на својот профил на Фејсбук објави дека „годинава ‘Славниот Ноември’ ќе биде поинаков“.

    „Овој пат ќе се одбележи на достоинствен начин и со институционална поддршка на албанските уметнички и културни вредности! Во пресрет на 550-годишнината од смртта на националниот херој, Ѓ.К. Скендербег,  потпишав одлука да на 28 ноември оваа година, во Големата сала за опера и балет да биде претставена премиерата на операта ‘Скендербег’. Честито!“, напиша Адеми на Фејсбук.

    Од Министерството за култура велат дека се во преговори во операта за Скендербег да пее оперската дива Инва Мула. Од концертот на Инва Мула во Тетово во април, кој беше во рамките на шестото издание на музичкиот фестивал „Сцена на албанската сериозна музика“ и беше посветен на Аки Нуредини (Фото: СДК.МК)

    На прашањето од редакцијата на САКАМДАКАЖАМ.МК, на кој конкурс е избрана операта „Скендербег“ , со оглед на тоа дека ја нема во годишната програма, која беше објавена во февруари годинава, од неговиот кабинет ни одговорија дека операта „Скендербег“ не е составен дел од годишната програма за 2018 година, но Македонската опера и балет во текот на 2018 година до Министерството за култура доставила пријава за премиера на операта „Скендербег“.

    „ По претходното добиено мислење од надлежниот Сектор за нормативни управани работи член, согласно Законот за културата и членот 1 ставови (3) и (4), членот 4 ставови (2), (4) и (5) од Договорот за учество во финансирањето на Годишната програма за работа на НУ Македонската опера и балет – Скопје за 2-18 година од областа на музичка и музичко-сценска дејност НЕ постојат законски пречки за измена на годишната програма на установата, доколку за проектот се обезбедат средства од Буџетот на РМ и согласно комисијата за музичка сценска дејност за 2018 година, Васо Ристов (претседател), Рами Мустафа член и Маријана Николовска, Програмата за Националната установа се измени со потпишување на анекс догововорт помеѓу Министерството за култура и Македонска опера и балет“, велат од Министерството за култура.

    Автор на операта е Фатос Лумани, а режисер ќе биде Ќендрим Рихани. Од министерството велат дека ќе настапат истакнати уметници од Албанија: Армандо Клоѓери, Армандо Лика, Фаик Хондози, а дека се во преговори со албанската оперска пејачка со светска кариера, Инва Мула.

    Мула е сопран која на пошироко е позната по тоа што го позајми гласот на Дивата од популарниот филм „Петиот елемент“ на Лик Бесон.

    Мула во април годинава настапи во Тетово , на концертот на музичкиот фестивал „Сцена на албанската сериозна музика“ , кој беше посветен на Аки Нуредини, сопственик на познатиот ресторан „Соле“ во Виена, кој е родум од тетовското село Камењане и кој е голем вљубеник на оперската музика, а чиј ресторан во Виена е често посетуван од најпознатите светски оперски пејачи и музичари.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира