МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ЌЕ ГИ УКИНЕ НАЦИОНАЛНИТЕ ПЕНЗИИ ЗА ДОАЈЕНИТЕ И ТИТУЛАТА АМБАСАДОР НА КУЛТУРАТА ОТИ НЕ ПРИДОНЕСУВАЛЕ ЗА РАЗВОЈОТ

„Направено е преиспитување на правото на 'надомест на пензија' на пензиониран уметник и стручен работник од областа на заштитата на културното наследство кои веќе добиле државни награди, како и на институтот 'амбасадори во културата' одредби кои не придонесуваат за развој на културата, а предизвикуваат поголеми финансиски последици врз Буџетот на РСМ во делот за културата и во согласност со Стратегијата, се предлага овие бенефиции да се укинат“, предлага работната група

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ЌЕ ГИ УКИНЕ НАЦИОНАЛНИТЕ ПЕНЗИИ ЗА ДОАЈЕНИТЕ И ТИТУЛАТА АМБАСАДОР НА КУЛТУРАТА ОТИ НЕ ПРИДОНЕСУВАЛЕ ЗА РАЗВОЈОТНадоместокот, во висина на разликата меѓу меѓу пензијата што ја остваруваат и највисоката пензија во земјава во претходната година, се исплаќа со средства од Буџетот преку Министерството за култура. Ова законско право во моментов го остваруваат 72 уметници, односно стручни работници од областа на заштитата на културното наследство. - Министерот за култура Хусни Исмаили (Фото: Министерство за култура)

    Министерството за култура предлага да се укинат надоместоците за пензиите на доајените на културата како и титулата амбасадор на културата, во Предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата. Предлогот во петокот беше објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) и на официјалната страница на Министерството. Според предлогот, надоместокот кој е во висина на разликата меѓу пензијата што ја остваруваат и највисоката пензија во земјава во претходната година и е околу 7.000 денари, ќе продолжи да се исплаќа само на оние што веќе го оствариле тоа право.

    Меѓу 72-цата доајени и уметници кои во изминативе години добија национална пензија се Милица Стојанова, Сабина Ајрула Тозија, Благој Чоревски, Михаил Ренџов, Веле Смилевски, Раде Силјан, Рамадан Шукри, Мајда Тушар, Васил Тоциновски, Халил Зендели, Санде Стојчевски. Надоместок користеа и имиња како Вања Лазарова, Владимир Георгиевски и Љупка Џундева, кои починаа изминативе години.

    Предлог-законот, како што велат од кабинетот на министерот Хусни Исмали, го подготви работна група формирана во април 2018 со решение на тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски, а во неа биле вклучени претставници на синдикатите, на Министерството за информатичко општество и администрација, на националните институции и на граѓанскиот сектор. Во составот на работната група се Златко Теодосиевски, вработен во национална установа и екссоветник на Алаѓозовски (претседател), Магдалена Диковска, раководител на Секторот за нормативно-управни работи и за авторското право и сродните права во Министерството за култура, Фросина Ѓоршовска, раководител на Одделението за управни работи во Министерството за култура, Билјана Тануровска-Ќулафковски и Ивана Васева од независната културна сцена, како и Валентина Поцевска и Александар Стојчевски, претставници на Синдикатот на културата на Македонија.

    „Направено е преиспитување на правото на ‘надомест на пензија’ на пензиониран уметник и стручен работник од областа на заштитата на културното наследство кои веќе добиле државни награди, како и на институтот ‘амбасадори во културата’, одредби кои не придонесуваат за развој на културата, а предизвикуваат поголеми финансиски последици врз Буџетот на РСМ во делот за културата и во согласност со Стратегијата, се предлага овие бенефиции да се укинат“, предлага работната група.

    Одлуката за национални пензии беше донесена во 2011, кога министерка беше Елизабета Канческа-Милевска. Во 2017 имаше предлог за измени во Закон за културата од Владата, кога беше наведено дека надоместокот изнесува 7.333 денари.

    Според Предлог-законот, на уметниците и стручните работници од областа на заштитата на културното наследство кои до денот на влегувањето во сила на овој закон го оствариле правото на месечен паричен надоместок во висина на разликата меѓу пензијата што ја остваруваат и највисоката пензија во земјава во претходната година, за тековната година по денот на влегувањето во сила на овој закон, ќе продолжи да им се исплаќа месечниот паричен надоместок согласно со член 11-б од Законот за култура.
    Започнатите постапки по поднесено барање за остварување на месечен паричен надоместок од ставот (1) на овој член до денот на влегувањето во сила на овој закон, ќе се завршат согласно со член 11-б од Законот за културата.

    Исто така, во Предлог-законот стои дека на амбасадорите на културата на кои им е доделена титулата согласно член 11-а од Законот за култура им остануваат правата утврдени со членот 11-a.

    На прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК колку уметници досега го земаат надоместокот и која е највисоката сума, од Министерството за култура велат дека согласно Член 11-б од постојниот Законот за култура, уметник и стручен работник од областа на заштитата на културното наследство, кој остварил право на пензија и кој е добитник на една од државните награди „11 Октомври“, „Св. Климент Охридски“ или државната награда „23 Октомври“ од областа на културата и уметноста, има право на месечен паричен надоместок во висина на разликата меѓу пензијата што ја остварува и износот од 38.500 денари.

    „Надоместокот се исплаќа со средства од Буџетот на Република Северна Македонија, преку Министерството за култура, сметано од денот на стекнувањето на правото на надоместок согласно со ставот (5) на овој член, па до крајот на животот. Ова законско право во моментов согласно евиденцијата на Министерството за култура го остваруваат 72 уметници, односно стручни работници од областа на заштитата на културното наследство“, вели министерството.

    Од кабинетот на Исмаили велат дека досега беа назначени вкупно 9 амбасадори на културата. Тие освен титула, не добиваат никаков надомест.

    „Во моментов нашата земја има 7 амбасадори на културата и тоа: истакнатите и меѓународно афирмирани и признати режисери Милчо Манчевски кој работи и твори во САД, Иво Трајков во Чешка, театарскиот режисер Иван Поповски во Руската Федерација, потоа професорката по пијано Снежана Пановска во Малезија, тенорот Благој Нацоски кој живее и твори во Италија, естрадниот уметник Зафир Хаџиманов во Србија, естрадниот уметник Владо Јаневски во Хрватска. Амбасадори на културата до крајот на нивниот живот беа и македонскиот театарски драматург Горан Стефановски во Велика Британија и пијанистката Елена Мисиркова во Австрија“, велат од Министерството.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира